
Во текот на изминатово деноноќие прочитав повеќе написи кои се обидуваат да ја оправдаат статистичката грешка при утврдувањето на верската припадност на актуелниот попис. За потсетување, станува збор за 242 579 лица кои се попишани под генеричкото име „христијани“, при што нивната вероисповед останува нејасна. Процентуално, станува збор за неверојатни 13,4% од вкупниот број попишани граѓани или приближно 22% од вкупниот број попишани припадници на христијанската религија. По ниту една основа ваквата грешка не може да се занемари.
Главниот аргумент во одбрана на ваквиот резултат е дека „попишувачот не смее да влијае врз одговорите што ги даваат граѓаните, па ако луѓето кажале дека се христијани по религиска припадност, тогаш попишувачот е должен да ги внесе во графата „христијани“. А ако луѓето потенцирале дека се православни христијани или дека се католици христијани, тогаш нивниот одговор ќе отишол во графата „православни“ или „католици“ (…) Ако попишувачите се вмешале во одговорите, тоа значи дека тие влијаеле врз одговорите. А влијаењето подлежи на кривична одговорност“. Ваквото објаснување што вчера го даде директорот на Државниот завод за статистика е невалидно, и тоа по две основи.
Прво, не смее да се ускрати правото на граѓаните да бидат точно информирани за содржината на поставеното прашање и импликациите на можните одговори. Дали на граѓаните им е дадено до знаење дека ако се изјаснат како „христијани“, тие нема да се бројат како „православни“, „католици“, „протестанти“ итн.? Ваквото информирање не е ниту „мешање“ ниту „влијаење“. Тоа е должност на попишувачот – прецизно и недвосмислено да го постави прашањето, при што попишаните граѓани ќе добијат јасна претстава за тоа каков одговор сакаат да дадат.
Второ, самото прашање е формално и содржински погрешно. Воопшто не е јасно кој податок се бара – дали а) религиска припадност, б) вероисповед или в) припадност кон верска заедница или религиозна група. Ова се три различни нивоа на определување на верскиот идентитет и не може да стојат сите под едно и исто прашање. Првото ниво е најопшто, додека второто и третото ниво, соодветно, се расчленуваат кон посебни определби. Вака поставеното прашање остава простор три лица од една и иста верска заедница да дадат три различни одговори, што е статистички недопустливо. Целта на статистичката операција наречена „попис“ е да обезбеди прецизна информација, а тука за такво нешто не може ни од далеку да стане збор. Ист човек може да се попише и како „евангелист“, и како „евангелско-протестантски христијанин“ и како „христијанин“. Ова е грешка на методологијата и исклучиво на методологијата. Како оваа грешка ќе се отстрани, без притоа да бидат загрозени ничии права и слободи, е прашање на кое ќе треба да одговорат оние што се стручни за тоа.
На крај, нереално е да се очекува дека православниот народ што со столетија се определувал како „рисјани“ сега од еднаш ќе почне да прави разлика меѓу „христијани“ и „православни“. Грешката не е спречена, и покрај тоа што не било тешко да се претпостави дека ќе настане. Одговорноста за тоа не може да им се префрли ниту на граѓаните, ниту на верските заедници – затоа што за точноста на резултатите од пописот одговара оној што го спроведува. Ако резултатот е погрешен и ако статистичката грешка е толку голема колку што е, тогаш е јасно дека методологијата и начинот на спроведување треба да се поправат, а постапката да се повтори.
Напишете коментар