Feeds:
Написи
Коментари

Archive for Септември 9th, 2022

Кога утрово се освестив по еднодневната треска, се сетив дека вчера се случија три настани кои заслужуваат внимание. Ќе ги спомнам сите заедно во една објава:

1. Во исонот на празникот што вчера го празнувавме ненаметливо но простум стои духовен хабитус напластен низ генерациите. Ова повлекува два заклучоци. Прво, световните празнувања не се само световни, туку имаат и духовна содржина. Второ, празнувањето на Македонија и „Македонизмот“ се темели врз континуум од настани, движења и идеи векови наназад, а не само врз еден или друг настан од поновата историја. Идејата за споделувањето на даровите Божји и небарањето на своето е начелото од кое започнува словенската христијанска култура и цивилизација. Во житијата на светиот патријарх Фотиј, неговите ученици, сесловенските просветители Кирил и Методиј Солунски, како и нивните ученици, Климент и Наум Охридски се наоѓа клучот за разбирањето на идентитетските апории кои ги соблазнуваат православните словенски народи. Како и тогаш, Македонија има што да сподели со нив, та со збор и со дело да го посведочи заветот што еднаш засекогаш сме го склучиле со троединиот Бог.

2. Потврда дека сме му доследни на заветот Божји се и случувањата од изминатите месеци, кога МПЦ-ОА, не само што стапи во единство со полнотата на православната икумена, туку и беше препознаена и признаена како рамнопоставена сестринска автокефална Црква. Во време на раздори и поделби Бог нѐ повика да послужиме како пример за миротворство, единство и кроткост и ние на тој повик одговоривме подобно на Богомајката – „Нека ми биде според зборовите Твои“ (Лука 1,38). Вчера уште една Црква ја призна автокефалиноста на МПЦ-ОА и го внесе името на нашиот Архиепископ во свештените диптиси. Смирено и трпеливо се молиме и исчекуваме да се исполни времето кога со истата радост ќе нѐ зарадуваат и останатите помесни православни цркви.

3. Веста за смртта на нејзиното величество, кралицата на Англија Елизабета Втора, го окупира медиумскиот простор. Прочитав повеќе написи, од оние со биографски карактер, преку различни политички анализи на нејзиното 70-годишно владение, па сѐ до оние за врските на неговото Величество, кралот Чарлс Трети со православната Црква. Сепак, она што особено ме зачуди беше злорадоста меѓу т.н. „левичарски“ кругови, кои додека светот се збогува со покојната кралица и го поздравува новиот крал на Англија, ја користат можноста да се промовираат себеси со тоа што ќе оцрнат и нагрдат сѐ што е благородно. Горделивоста и цинизмот наместо пороци се промовираат како добродетели, а смирението и кроткоста се жигосуваат како најдолни пороци. Ваквиот светоглед нема ништо заедничко со вековното наследство на европските христијански надроди, меѓу кои сме и ние.

Read Full Post »