
„Вистината ми е мила, ама Платон ми е помил“. Легендата вели дека проф. Ферид Мухиќ во една прилика со овие зборови ја деконструирал славната Аристотелова крилатица пред неговите студенти. Не ми се познати деталите за понатамошниот дискурс на професорот околу ваквиот аланфордовски експеримент, но јас би си дозволил да размислувам во следнава насока:
Љубете ги пријателите повеќе од она што си го замислувате како праведно и вистинито! Зашто, кога Господ рекол „Јас сум (…) вистината“ (Јован 14,6) – не посочил кон некаков систем на тврдења и дефиниции, туку кон Себе Самиот како божествена Личност во која се обединува сето човештво. Затоа, овие зборови следува да се толкуваат преку Христовата двојна заповед за љубовта: „Возљуби Го Господа“ (Матеј 22,37) и „возљуби го својот ближен“ (Матеј 22,39). Ако ревнувањето по „вистината“ резултира со заладување на таа љубов – тогаш нешто со таа „вистина“ или со нашиот однос кон неа не е во ред. Тоа, пак, воопшто не значи да не се конфронтираме за ништо со пријателите. Напротив, треба да се конфронтираме секогаш кога сметаме дека тоа е вистинито и праведно, но притоа цело време да внимаваме што се случува со нашата љубов кон нив. Ако љубовта по конфронтацијата расте – тоа значи дека сме на добар пат. Ако опаѓа, тогаш значи дека пријателството не ни е искрено и не е – вистинито. Едноставно, ако мнозинството пријатели во животот ни се истомисленици треба сериозно да се замислиме по каков пат сме тргнале.