
Никогаш не сум имал високо мислење за музиката на Мизар. Ни онаа од старите денови во 80-те, ни од средниот период во 2000-те, а особено не од последниов стадиум во кој се наоѓаат сега. Обично сум си заминувал од нивни фестивалски настапи по 2-3 отсвирени песни. Само еднаш кога вокал им беше Горан Трајкоски успеав да ги ислушам до крај. Би можел да кажам дека тоа беше највисокиот дострел за Мизар и најнискиот за Горан. Категорично не би се согласил дека ова за што расправам тука е „прашање на вкус“ (а, па, за вкусовите, велат, не се расправало). Мизар заслужуваат да бидат предмет на објективна и непристрасна музичка критика, слободна од маалска солидарност и провинцијална колегијалност. Такви критичари, чинам, во Македонија уште нема, или, ако веќе ги има – не стасале да се позанимаваат со Мизар и нивниот мелос. Би ги охрабрил да го сторат тоа час поскоро, бидејќи од хвалоспеви никој не видел многу аир, а посебно не уметноста.
Нејсе, тоа не е нешто за што имам намера јас да елаборирам во оваа пригода. Наместо тоа, би се позанимавал со нешто побитно од прашањето дали музиката на Мизар вреди нешто или не. Имено, би обрнал внимание на симптоматичното уверување дека ако некој е православен, па згора на тоа и свештеник, по default треба да му се допаѓаат и Мизар. Еден “вистински благочестив маж“ треба за нив говори со страхопочит и восхит, по можност простум стоејќи, со вкрстени раце на градите и темен поглед упатен кон далечините. А ако некој се обиде да се пошегува околу што било поврзано со „култниот бенд“ следува веднаш да се укори за таквата „хула“ и „нечестие“ – бидејќи тоа нема како поинаку да се протолкува освен како личен напад и „говор на омраза“…
Бре!
Ми се чини дека волку хиперсензитивни не се ни најревносните поборници за политичката коректност од лево-либералниот идеолошки спектар. Сепак, има една работа што загрижува повеќе од сензитивноста, имено – духот на едно униформно, авторитарно и ексклузивистичко разбирање на православната култура. Примеров со „култните бендови“ е само една манифестација на ваквата матрица, според која некој надворешен облик на поведение се идентификува со нашата претстава за „православието“ до тој степен што личната вера без тој облик не ни изгледа повеќе автентична. Тоа може да се однесува на начинот на кој зборуваме и комуницираме, на музиката што ја почитуваме, на начинот на кој се облекуваме, на световните идеи со кои се согласуваме и т.н. Можноста за какво било критичко расудување се исклучува како „злонамерно“ и „некомпетентно“.
Имам слушнато дека Мизар се јавуваат како бунтовен бенд во 80-те, како луѓе кои не сакаат да се идентификуваат со наметнатите идеолошки стандарди на тоа време. Ако е навистина така, тогаш тоа би било единственото за што со задоволство би им оддал почит. Ако тоа е причината за нивната „култност“, тогаш нема да им ја оспорувам. Но, се прашувам, дали самите тие не се оспоруваат себеси со тоа што се претставуваат како норма за која никој не смее да се пошегува, камо ли да упати критика на нивна сметка?