
Магла. Во неа погледот досега до онаа точка во која предметите и луѓето се губат во сивилото. Зад неа се чини дека веќе ништо нема. Маглата необично нѐ ухушкува, ни дава привид на сигурност. Таа ја намалува осветленоста, ги пригушува боите на нештата што ги гледаме. Кога воздухот ќе се разбистри и маглата ќе се расчисти – ние ги гледаме истите тие нешта, но тие изгледаат состема поинаку. Поинаку се осветлени, имаат полна боја и јасни контури. Што е особено важно, тогаш ги гледаме во контекстот на сите оние други нешта што стоеле прикриени во сивилото. Хоризонтот се проширува и гледаме колку сме малечки – ние и нашиот „велелепен“ свет. Гледаме колку тој свет нема проблем да постои сосема добро и без нас. Оваа помисла може да нѐ вознемири или да нѐ успокои, во зависност од духовниот или животниот став што сме си го усвоиле. Кој доживеал што значат зборовите: „последните ќе бидат први“ (Матеј 19,30), „тој што се понизува, ќе биде издигнат“ (Лука 14,11), „само едно е потребно“ (Лука 10,42), „Божјата сила наполно се покажува во слабоста“ (2. Кор. 12,9) – тој во својата малечкост ќе ја препознае неискажливата сила на Духот Божји во светот и историјата. Зарем не е необично како најсветите подвижници од Житијата говореле за себеси? Тие се доживувале себеси како недостојни за Царството Божјо и поголеми грешници од сите луѓе. Како е можно најдостојните да се гледаат себеси како недостојни, а на грешниците околу себеси не ретко да им укажуваат чест како на светители? Лицемери ли се? Се плашат ли? Сакаат ли да пренесат некоја порака „меѓу редовите“? Би рекол, ништо од сето тоа. Тие едноставно го сведочат она што јасно и бистро го гледаат, имено, сопствената малечкост пред лицето Божјо и светоста на Образот Божји во ближниот. Затоа, на гозбата за која ни говори денешното литургиско Евангелие биле удостоени токму „бедните, слабите, хромите и слепите“ (Лука 14,16-24). Како и митарот (Лука 18,10-14), како жената хананејка (Матеј 15,22-28), како стотникот (Матеј 8,5-13) и тие во светлината на смирението можеле да се израдуваат на незаслужениот дар со кој толку неочекувано биле удостоени. Ниту религиозниот, ниту идеолошкиот ум не можат да ја поимат чудесната сила на Крстот и Воскресението. Таа за нив отсекогаш била и ќе остане да биде ништо друго до „соблазна“ и безумство“ (1. Кор. 1,23).
Напишете коментар