Feeds:
Написи
Коментари

Archive for the ‘Рефлексии’ Category

viber_image_2020-06-15_21-21-29

Размислувам, можеби и нема да е лошо годинава да ја поминеме “туристичката сезона” дома. Тоа е убава можност да се свртиме кон себеси и да ја согледаме сопствената земја како туристичка дестинација, а не како земја од која за одмор треба да се излезе, земја со еден и единствен туристички центар. Неспорно, Охрид и езерото се прекрасни, но тие не може и не смее да бидат копија на туристичките приморски градови кај соседите. Всушност, она што треба да се промени е нашата сопствена претстава за тоа што е одморот и како како тој треба да изгледа. Секогаш ми паѓала во очи разликата меѓу оние туристички места во Грција во кои доаѓаат претежно наши туристи и местата на кои доаѓаат туристи од западна Европа. Едните, со згужвани шеталишта покрај морето, со милион „тезгиња“ со кинески тракатанци, ресторани за брза храна и кафулиња со прегласна музика. На Пелопонез или на јонските острови (со исклучок на Лефкада и делови на Крф) – такво нешто е незамисливо. Се е направено со вкус, внимателно, автентично, тивко е, има простор, едноставно – се дише. Човек сам посакува да истражува, да ја види околината, да ја види природата, да не остане на едно „туристичко место“ цел одмор од почеток до крај. Зошто го пишувам сево ова? Па, затоа што Македонија има посебна, уникатна туристичка приказна. Таа приказна е дијаметрално спротивна од она на што сме свикнале. Но, прво треба самите да ја препознаеме, да ја разбереме и да ја доживееме, а потоа да ја раскажеме и на другите. Автентичноста е многу суптилна, но само таа води кон вистински и долгорочен успех. Дури тогаш кога ќе решиме да промениме нешто во сопствениот вкус и преференци, ќе видиме дека не сме ништо помалку “атрактивни” од која било друга земја од регионот.

Во овој контекст, сметам дека особено Охрид треба да се избрише од картите на популарните блакански туристички агенции. „Панаѓурскиот туризам“ ги закопува туристичките потенцијали на градот. Охрид не е за журки, гласна музика, тезги, преполни плажи, „скутери-мутери“ и т.н. Дури кога ќе се погребе ваквиот вид на „туризам“, Охрид ќе може да воскресене во турситички центар од светски ранг. Секако дека и толку посакуваната добивка на оние што се занимаваат со туризам тогаш многукратно ќе се зголеми. Решението многу едноставно: наместо да гориш трска и да ѕидаш параптчиња на самиот брег, плати тим на професионалци кои имаат визија и искуство во работата со оние групи туристи кои соодветствуваат на туристичкиот производ што го нудиш. Имаш арехеолошки наоѓалишта, средновековни цркви, уникатна природа – тогаш насочи се кон оние групи кои ќе бидат заинтересирани за тоа, а не на „панаѓур туристи“, лесковачки скари, турбо-журки до 5 сабајле. Всушност, на сите Охриѓани им е преку глава од таквите туристи, познати под општото име „Скопјанишча“ (некакво збирно име за туристичкиот модел што го опишав погоре). Колку што чекаат да почне сезоната, толку повеќе со цело срце чекаат истата да заврши и „Скопјанишчата“ да си заминат, за да си го вратат назад градот. Слично е и со Струга и гастарбајтерите кои во Швајцарија и Италија мора да се однесуваат пристојно, па тука, изблувуваат се што потиснувале таму цела година. На ваквото самоизмачување од туризам треба конечно да му се стави крајот. За тоа да се случи, треба прво самите да ја промениме претставата за тоа што значи човек да отиде на одмор, да отпатува некаде, да си помине убаво. Во крајна сметка, и тука е потребно своевидно „преумување“ – да согледаме каков бисер Бог ни доверил и со колку слоеви кал сме го покриле, или потполно сме го занемариле и заборавиле. Тој бисер не е само еден град и едно езеро – тоа е секој чекор од оваа мала но чудесна земја. Ако научиме да благодариме за она што го имаме, едноставно ќе престанеме да го посакуваме она што не ни доликува и ќе почнеме да почитуваме и да му се восхитуваме на дарот со кој располагаме.

Read Full Post »

EPSON DSC pictureПоследните година-две забележувам дека сме сведоци на подемот на своевиден лево-либерален морализам. Роден како адолесцентски бунт против традицијата и конзервативните вредности, тој продолжува да пењави и да се треска од земја пред нив дури и тогаш кога тие воопшто не му стојат на патот – како разгалено детиште кое не знае што да прави со себе. Опиен од својата инхерентна безидејност, почнува да им соли памет на сите околу себе за тоа како треба да изгледаат, како треба да се однесуваат, што доликува, а што не. Урла на цел глас и ги обвинува другите дека морализираат, не сакајќи да види дека моралистот е всушност тој самиот. Џевата што деновиве се крена околу кавалџијата Павле е само малечка илустрација за погоре кажаното. Ништо поарен не беше ниту френетичниот триумфализам на про-абортус активистите од пред некоја седмица, или прекорите од некои мои либерални пријатели што периоднично се „соблазнуваат“ од тоа како јас „академски образован човек што ја видел Европа“ можам да имам „конзервативни“ ставови за теми како верата, абортусот, сексуалноста и т.н. Дали не разбираат дека ако се навистина „либерални“, т.е. слободни од предубедувањата и наметнатите шеми на индивидуално и колективно идентификување – тогаш не ќе има од што да се „соблазнат“? Едноставно, слободата не може да се идентификува со бунтовноста. Бунтот води во (ре)актуелизирање на старо-нови моралистички матрици, тој е огледален одраз на она против што се бунтува и ништо повеќе до покорен преемник на неговиот нормативен систем… Нејсе. Во прилог, еве една моја стара келнска парковско-кавалџиска фотографија од пред точно десет години. Штета, никогаш не собрав храброст да ставам и лименка пред пред мене додека свирев – ќе си заработев и некоја паричка…

Read Full Post »

Зарем помисли дека ќе те оставам? / Дека ќе ја заборавам ложницата твоја: топла, од лисје и цвеќе пролетно исткаена, со сонце прекриена? / Навистина ли не сети дека постојано со тебе бев?

Во секое превознесување твое / Во секоја надеж твоја суетна / Во секоја победа твоја јалова / Во секоја тула – и столб – и споменик твој / Во секоја тупаница твоја кон небото крената – и свиреж, и лелек, и роптеж самозадоволен / Во секое богатство земно – покажано јавно, или од очи сокриено /…/

Во спокојот што го загуби денес:

>>> Како облак од пареа водна: маглеста-бела-провидна. Избледува сонот, заменет со тежеста на плотта отрпната.

Read Full Post »

Мрзливост седвижечка / Негрижа спасителна / Превознесување возвишено / Незнаење самоуверено / Гордост победоносна / Самољубие избавително / Самооправдание мажествено / Завидување себепожртвувано / Обвинување бестрашно / Осудување непоколебливо / Клеветење штедроглаголиво / Збороискривување досетливо / Препирање устојчиво / Лакомост плодоносна /…/…/…/

Безобразие обилно-изобилно-преизобилно:

Глеј >>> претекува и се разлива по голобрадите муцки на отроците Израилеви.

Read Full Post »

WorldWarZ-ZombiewallTrailerHelifull5Силата наша е во слабоста… Демоните бегаат од слабиот, болниот, истоштениот. Не плаши се од болеста и смртта – тие се најмоќното оружје против демоните. Тоа е носењето на крстот за кое зборува Господ. Без тоа нема мир, без тоа нема победа против лукавиот. Она што изгледа дека е предност на лукавиот, всушност е неговата најголема слабост. Со смртта смртта се победува. Раслабениот и изнемоштениот се надмоќни во таа борба, а не телесно силниот и здравиот.

Read Full Post »