Feeds:
Написи
Коментари

Archive for the ‘Современо богословие’ Category

Од беседата на српскиот патријарх Порфириј на востоличувањето (19. февруари 2021)          

Првенствена задача на Црквата не е да создава подобри услови за живеење; првенствена задача на Црквата не е да се труди да решава каков било вид социјални, политички, психолошки и други проблеми. Во Црква доаѓаме на Света литургија, за тука да го допреме и да го насетиме што е она што е „единствено потребно“ (Лука 10,42), што е најважно; за тука да го допреме и да го примиме Крстот Христов – но Крстот Христов кој истовремено е и Воскресение. Тоа е основната задача на Црквата, затоа таа постои во светот. А сите овие други нешта што ги спомнавме, самото по себе, како продукт на тоа примарно определување, ќе бидат озарени токму со истиот тој Крст и со Воскресението Христово. Ако сѐ имаме, а тоа го немаме – залудно е. Ако тоа го имаме, тогаш сѐ друго сме добиле.

*

Браќа и сестри, важно е да ја осетиме силата на Црквата да го живее и да го сведочи мирот, благовестејќи им го (мирот) на сите народи и на сите луѓе со добра волја. Повторувам, на сите народи, бидејќи секој човек е создаден како икона Божја и сите сме повикани да бидеме едно во Него, Спасителот. Не можеме да си Го присвоиме Христа и да кажеме – Христос е наш и затоа ние сме подобри од другите. Ако Нему му припаѓаме, тогаш се трудиме преку Него секој во нашето срце да биде наш; срцето наше да биде простор, во кој, токму поради тоа што Он во него престојува, ќе има не само место за сите, туку ќе има место за сите да живеат во љубов и во прегратка со нас.

*

Посланието на Црквата е да го изградува мирот и меѓусебната доверба, со силата на Христовиот мир кој ѝ е подарен на Црквата со зборовите „мирот Свој ви го давам“ (Јован 14,27). Ако го имаме Божјиот мир во себе, ќе се помируваме со другите луѓе, со природата, а ќе бидеме и измирени со себеси. Со еден збор, ќе бидеме благовесници на мирот. Нашиот придонес нема да биде пред сѐ во она што го правиме, туку во она што сме, а од тоа што сме – ќе го правиме и она што треба да го правиме. За една таква цел, отци, браќа и сестри, вреди да се живее, вреди и сопствениот живот да се положи.

(more…)

Read Full Post »

Вчерашното Евангелие на Литургијата (Јован 5,1-16) ни зборуваше за болниот човек исцелен во сабота и реакцијата на нездравиот традиционализам на ова чудо. Имено, Јудејците не го гледаат чудесното исцеление на човекот кој боледувал полни триесет и осум години, туку гледаат како како Исус врши „исцелителска дејност“ во неработен ден. Кога традицијата погрешно ќе се втемели таа станува контрапродуктивна. Традицијата има своја цел и смисла, но таа цел и смисла не е самата традиција, традицијата не е самоцел. Не може животот да и служи на традицијата, туку традицијата треба да му служи на животот.

Денес имаме бројни практики кои ги перцепираме како традиција, а немаме поим која е нивната стварна функција во животот. Некој од нив се со постар датум, а некои се стари само неколку децении. Се едно, ние ги примаме како нешто предадено од претходните генерации, т.е. како традиција. Но, многу често ги третираме како сами по себе разбирливи и сами во себе основани. Ќе ви дадам пример кој ми е актуелен последниве денови. Во нашата современа здравствена и родителска култура е речиси незамисливо таткото да присуствува на породување. Дури сега, по препорака на Светската здравствена организација, македонското „конзервативно“ здравство попушта и овозможува услови за татковиците кои сакаат да бидат покрај мајката за време на породувањето. Мнозина тоа го сметаат како нарушување на „традицијата“, но не е така.

Нарушувањето на традицијата е исклучувањето на таткото од породилниот процес под влијание на радикалната модернизација од средината на минатиот век и неконтролираната санитаризација и фармакологизација на здравството. Веројатно, во даден период тоа било навистина потребно, но проблемот настапува тогаш кога строгите правила на транзициониот период ќе станат стандард за следните генерации. Особено се бизарни „аргументите“ на постарите лекарКи (пазете, ова е „женски “ аргумент) како „породувањето е интимен чин што треба мајката да го помине сама“. На страна противаргументите што може да ги дадеме, ваквото гледање нема никаква врска со првичниот мотив за одвојување на родителите за време на породувањето. Од женска гледна точка, мајката се лишува од насушната поддршка на најблиската душа со која го зачнала детето кое од неа се раѓа. Од машка гледна точка, таткото се осакатува за едно искуство без кое не може да гради здрав однос кон својата жена и семејството. Од семејна гледна точка, тоа е крстот преку кој семејствто се раѓа за нов живот и треба да го износи заеднички и целосно.

Кога прв пат, пред осум години додека живеевме во Келн, присуствував на породувањето на нашиот син, единствениот човек кој ми даде поддршка беше татко ми Стојан. За разлика од мајка ми, лекар и жена родена во град која модернизацијата ја „фатила“ од најрани години, татко ми беше роден на село и се уште ги паметеше вековните стандарди на автентично традиционалната православна јужно-словенска култура. Додека сите ме раскандисуваа и убедуваа да не потклекнувам на „либералните европски измишљотини“, татко ми ми кажа: „Глупости, кој на село порано и помагал на жената да се породи ако не мажот?“. На мојата забелешка дека сепак имало бабици…, тој ми одговори: „Бабицата некогаш ќе стигне, некогаш нема да стигне, а некогаш нема ни да сакаш да ја викнеш. Ако ти се оди, да одиш и ич да не ги слушаш што ти зборат“.

По осум години, завчера повторно бев до мојата жена на породувањето во Клинички центар. Како што веќе знаете, ни се роди ќерка. Ве уварувам дека тоа искуство е незаменливо и непроценливо – не просто за мене како татко, туку и за Ана како мајка, но и за Милица како новородена ќерка која своите први искуства ги врежува во своето срце, а исто така и за нашите претходно родени деца кој знаат дека нивниот татко не ја оставил мајка им да се породува сама. Традициајта е движечка сила на заедницата тогаш кога ја помни својата смисла и тогаш кога ние ја помниме автентичната традиција, а не сурогатите за неа лишени од било каква смисла и вредност.

Read Full Post »

Понекогаш навистина е интересно да се пратат статистиките на блогот. Можно е да се видат не само бројот на дневни посетувања, туку и посетеноста на секоја тема поединчено, како и клучните зборчиња кои посетителите на блогот ги користеле во пребарувачите за да стигнат до некој од текстовите објавени на блогот. Така, на пример, често има периоди кога луѓе се интересираат за една или друга тема, во врска со која бараат информации преку Гугл или некој другите пребарувачи. Има теми кои постојано се интересни, како на пример темата за вевчанскиот карневал. Но има и теми кои со седмици и месеци не се отвараат, за од еднаш интересот за нив енормно да порасне. И така, денес забележав дека неколку месеци нечепнатата тема за отец Кирил Пејчиновиќ пак е во центарот на вниманието. Претпоставувам дека тој „сезонски“ интерес за животот и делото на големиот лешочки игумен и просветител се должи на неговото присуство во учебните програми. Токму со таа цел би сакал да допишам неколку дополнителни зборови, кои би можеле да им бидат од полза на читателите при читањето на објавените текстови.

Изборот на темата за отец Кирил Пејчиновиќ воопшто не е случаен. Неговата личност и дело сеуште се интерпретираат во мисловните формати поставени кај нас уште пред неколку децении, кога една група на елитни македонски научници се обиде да ја истакне и протолкува просветителсаката дејност на оваа амблематична фигура од првата половина на македонскиот 19-ти век. Резултатите на нивната научна работа денес претставуваат стандардизиран дел од наставните програми во македонските училишта и факултети.

И покрај тоа што значајот на овие постигнувања е неоспорлив, треба да се земе предвид дека истите се темелат врз едно суштинско парцијализирање и редуцирање на личноста на Кирил Пејчиновиќ. Како да постојат два Кирила – едниот монах, а другиот просветител. Според овој пристап, вториот е во центарот на вниманието, тој е „големиот македонски преродбеник Кирил“. Но првиот изгледа дека постои само за да создава проблеми во нашата научна работа. Зошто? Па затоа што според мисловните матрици на времето во кое овие истражувања биле извршувани монаштвото и просветителството, богословието и науката, Црквата и универзитетот – просто не можеле да одат заедно… (more…)

Read Full Post »

Во овој краток текст ќе се позанимавам со знаменитото „Satisfactio“ на Анзелмо Кентербериски. Лишен од било какви претензии од текстов да направам некаква „православна апологија“ на Анзелмовите сотириолошки согледувања, просто ќе се обидам да предложам едно „малку поразлично“ видување за истите. При тоа би ги земал предвид ставовите на современите православни богослови кон нив, како и (се разбира) текстот на Анзелмо „Како Бог стана човек?“ (Cur Deus homo?), во кој тој го презентира своето „спорно“ учење.

Во „Како Бог стана човек?“ Анзелмо се обидува на чисто рационално ниво да докаже дека спасението на човекот е можно единствено на начинот посведочен од Светото писмо и oтците на Црквата. Оваа методолошка забелешка има фундаментално значење за егзегезата на целиот текст (но не ретко бива превидувана од голем број негови коментатори – како од оние кои го критикуваат, така и од оние кои го поддржуваат). Во предговорот на „Како Бог скана човек?“ Анзелмо објаснува:

„На крај таа (првата книга од „Како Бог стана човек“) се обидува, исклучувајќи го Христа (remoto Christo), како ништо да не ни било соопштено од него – преку неопходни разумни аргументи (rationes necessariae) да докаже дека е невозможно човек да се спаси без него.“ (Анзелмо Кентербериски, Како Бог стана човек, предговор) (more…)

Read Full Post »

Од 21. до 27. јули 2008 година во градот Елена (Бугарија) се одржа Европската дипломска школа за античка и средновековна философија (EGSAMP), на која учествуваа триесет професори, асистенти, докторанти и магистранти од Германија, Франција, Белгија, Италија, Бугарија и Македонија. Темата на школата беше „Природата и уметноста – меѓукултурниот европски дијалог во касното средновековие“ (Natur und Kunst – der interkulturelle europäische Dialog in Spätmittelalter), при што предавања одржаа проф. Цочо Бојаџиев (Софија), проф. Георги Каприев (Софија) и проф. Андреас Шпеер (Келн). Присутните докторанти и магистранти ја имаа можноста во утринските работни сесии да ги презентираат своите истражувачки проекти. Во овој дел од работата учествував со темата „Свети Никола Кавасила – еден пат кон синтеза на традициите“, после која се разви доста интересна дискусија. Во рамките на летната школа беа организирани и екскурзија во трновскиот регион, како и прошетки во Трново и Софија.

(more…)

Read Full Post »

trojstvo.jpg

(…) За жал, постои и втора варијанта, не помалку присутна во современото (па и не толку современото) православие. Наједноставно може да се окарактеризира како безрасудливо имитирање на западното христијанство (присвојување на готови шеми од Западот). Ваквиот пристап се согледува, на пример, во „православниот барок“, хетерофоничното црковно пеење, но и во обредноста и односот кон богословието. Во тој дух е формирано таканареченото „школско богословие“ (воглавно основано на прочуените исподеанија на верата на Кирил Лукарис, Митрофан Критопулос, или Петар Могила) карактеристично по тенденцијата кон табеларно подредување на учењето на Црквата и неговото сведување на дефиниции, цитати, формули и сл. Па така, на пример, таинствата на Црквата се сведени на „седумте свети тајни“, иако такво мистириолошко учење на православието му е тотално непознато сè до 13. век! „Света тајна“ станува технички термин, сосема оттргнат од својата светотаинска суштина – учествувањето на човекот во Христовата тајна на соединувањето на Бога и човекот. Примерите се премногубројни за да се набројуваат. Во суштина станува збор за препишување на цели параграфи од римокатоличките катихизиси и нивно безрезервно усвојување, или просто преформулирање, при што суштината си останува недопрена… (more…)

Read Full Post »

lestvica1.jpg

Ако е точно тврдењето на многубројните православни отци дека Хростос е над Истокот и Западот, од каде тогаш толку често сретнуваната безрезервна самоидентификација на православието со идејата за Истокот, доживеан како своевиден негатив на Западот? Како да постои некаква пубертетска зависност од христијанскиот Запад. Пубертетска – затоа што е по правило „контрашка“. Формулата за „пресметување“ на православниот став по определено богословско прашање доста често знае да гласи отприлика вака: за што и да се застапи Западот се множи со „минус еден“ и се добива православната вредност! Многу убаво!

Римокатолиците имаат филиокве, а ние немаме филиокве! Римокатолиците немаат епиклеза, ние имаме епиклеза! Они имаат папа, ние немаме! Они имаат чистилиште, ние немаме! Они имаат бесквасен леб, ние – квасен! Сега, да не се разбереме погрешно, ништо од сево ова не е неточно, ама духот на ваквата „контра-генерализација“ е длабоко навлезен во начинот на размислување на „источно-православниот“ богословски стил… (more…)

Read Full Post »

ravena.jpg

Во последно време доста често за предмет на повеќе дискусии на тема „православие“ беше поставуван таканаречениот „равенски инцидент“. Би сакал прво да предложам неколку основни податоци и разграничувања во врска со настанот, со цел да се избегнат непотребните недоумици и забуни. На равенските преговори помеѓу православната и римокатоличката комисија во октомври 2007 се случуваат две нешта – инцидентот помеѓу православните делегации на Московската и Цариградската патријаршија и потпишувањето на документ кој основно го обработува прашањето за приматот на римскиот папа. По доаѓањето на претставници на непризнаената од Руската Црква – Естонска Црква (под јуриздикција на Цариградската патријаршија) – руската делегација предводена од епископот Иларион Алфеев, по извршени консултации со Москва, ги напушта преговорите. После тоа како главен претставник на православната Црква на преговорите останува делегацијата на Цариградската Патријаршија предводена од митрополитот Јован Зизиулас. Како резултат на преговорите се потпишува контроверзниот документ во чиј центар на вниманието е прашањето за папскиот примат. Се разбира, руската делегација како отсутна не го потпишува документот.

Во овој контекст, би предложил дел од интервјуто направено со епископот хераклејски Климент, направено после неговата средба со епископот Иларион Алфеев на охридската меѓурелигиска конференција одржана крајот на октомври 2007: (…) (more…)

Read Full Post »