Feeds:
Написи
Коментари

Archive for the ‘Христијанска етика и аскетика’ Category

Оваа содржина е заштитена со лозинка. За да ја видите, Ве молам внесете ја лозинката подолу:

Read Full Post »

Постојат два вида сомнеж: еден кој урива и разединува и друг кој гради и обединува. Првиот е сомнежот кој бара оправдание за самодоволноста и оттуѓеноста, за горделивоста и суетата. Тоа е сомнежот на човекот кој бега и се обидува да се сокрие од Бога (1. Мој. 3,8). Тоа е сомнежот кој сака да го испади Бога од светот и животот, да му каже на Бога дека не е негова работа да се меша во земните работи (1. Мој. 4,9). Но, способноста на човека да се сомнева има своја смисла и цел. Всушност, таа способност воопшто не е средство за оправдување на сопствените слабости. Сомнежот е составен дел од личната аскеза и ја вклучува човековата разумна сфера. Таа аскеза е длабоко осмислена од најдлабоката потреба на човека да заедничари на сите планови на своето постоење, вклучително и да ги надмине границите на природната способност за општење. Човекот кој на овој начин се сомнева излегува на мегдан со Бога и бара од Него да му го открие Неговото Име и да го благослови (1. Мој. 32,26-30).

Овој, втор вид сомнеж е сомнежот на светиот апостол Тома, за кого си спомнуваме денес. Прекорот што Господ му го упатува на „сомнежливиот“ апостол не е прекор за грев (како што е случајот со светиот апостол Петар, кој трипати откажал од Христа), туку е укажување дека сомнежот не е самоцел, дека тој е упатен отаде границата на човековата спознајна способност, а е придвижен и раководен од љубовта и неискажливата желба за заедичарење (Јован 20,24-29). Кога Тома би го имал првиот вид сомнеж, тој би ја напуштил заедницата на апостолите, тој едноставно не би останал со нив цели осум дена по Воскресението. Уште првиот ден би ги презрел останатите ученици, би им кажал дека измислуваат, дека страдаат од посттрауматски халуцинации, дека она што го виделе е само проекција на нивниот страв и беспомошност, израз на неспособноста да се помират со тоа дека се оставени и сами, дека Исус не бил Христос, дека Бога едноставо – Го нема.

Но, Тома воопшто не постапува така. Неговиот сомнеж не го разделува од заедницата на љубовта, туку го поттикнува во подвигот на искреното исчекување и измолување на средбата со Воскреснатиот Господ. „Блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“ (Јован 20,29) – со овие зборови Господ го повикува Тома од ученик да стане благовестител и мартир на Словото. Тоа е повикот кон светоста кон која секој човек е повикан.

Read Full Post »

Се чини дека електронските изданија ќе ги заменат печатените книги. Во прилог на тоа може да се наведат следните аргументи:

1. Како што глинените таблички за пишување и пергаментот биле заменети со хартијата, така и печатените книги ќе бидат заменети со елелктронски фајлови кои ќе бидат достапни на компјутери, таблети, електронски читачи и други уреди (еволутивен аргумент).

2. Печатењето ја уништува животната средина – се сечат дрвја и се загадува природата. Едно еколошки свесно општество неминовно ќе ги отфрли печатените книги како „противприродни“. Освен тоа, електронските книги се поевтини од печатените (еколошко-економски аргумент).

3. Електронските книги не може да остарат и да се распаднат. Затоа, многу е подобро библиотеките да имаат сервери со елелктронски архиви, наместо да имаат депоа со печатени книги. Во прилог на последното, печатените книги бараат голем простор за складирање и не може да бидат достапни насекаде и во секое време. Класичните библиотеки зафаќаат огромен физички простор и бараат лично присуство на корисниците или достава на нарачаните книги по пошта (квалитативен аргумент).

4. Електронските книги се полесни за пребарување, исчитување на референци и прелистување. Притоа, можна е интеракција при читањето и комбинирање на визуелни и аудио материјали. Исто така, веќе е достапна и опција за автоматско гласно читање. Затоа, електронските книги постепено ќе ги истиснат печатените и последните ќе може да се видат само во музеите (функционален аргумент).

Спротивно на тоа, пак, е тврдењето на Писателот[1] од неговата колумна „Еден многу долг реквием“ дека ќе имаме дијархија на читањето на хартија и читањето на екраните, исто како што и фотографијата го нема осудено сликарството на смрт. Имено, продолжува тој, постои голема разлика меѓу допирањето и прелистувањето на нова книга која мириса на печатница и држењето на „УСБ-стик“ во рацете; или меѓу откривањето на стара книга во подрумот, полна со подвлечени места и белешки во маргините кои во нас будат стари заборавени чувства и читањето на истото дело во Times New Roman, фонт големина 12, на компјутерскиот монитор.

(more…)

Read Full Post »

Верувам, Господи, помогни му на моето неверие (Марко 9,24). Ова се последните зборови што таткото од денешното евангелско четиво му ги упатува на Христа пред исцелувањето на неговиот син измачуван од нечист дух. Покасно, откако учениците ќе го прашаат Господа зошто тие не можеле да го изгонат духот, Он им одговара дека Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост (Марко 9,29). Зборовите на таткото може да се разберат преку друго библиско место од кое дознаваме дека токму во човечката немоќ се покажува Божјата сила (2. Кор. 12,9).

Човечката немоќ не означува само немоќ на телото, или немоќ на разумот, или на волјата – туку немоќ на ниво на сите човечки сили и енергии. Да се пројави Божјата сила во нашите животи значи да се откажеме од сопствената природна сила што ја поседуваме. Не во смисла на некаква стоичка или будистичка „бестрасност“ или „безволност“, туку во смисла на активно „распнување“ на сѐ што ни е сопствено. Тоа е патот што води кон нашето лично воскресение, т.е. осветувањето и придавањето на нова смисла на она што по природа го поседуваме. Природната способност да веруваме не е изземена од ова правило. Ние не веруваме во Бога според нашите сопствени сили, туку со силата што ни доаѓа од Него. Кога би верувале според сопствените сили, тогаш христијанството би било само уште една од многуте религии на светот. Имено, религијата е втемелена врз природната човечка способност да верува. Но, животот во Христа ја надминува религиозната вера, таа е отаде неа. Стандардите и законитостите на овој свет не се валидни за тој живот. Човековата љубов е нељубов наспроти Божествената љубов со која сме повикани да го прегрнеме Бога и светот околу нас; човечкото знаење е рамно на незнаење тогаш кога ќе се спореди со богопознанието што ни се дарува во тајните на Црквата; на ист начин, и човековата вера е попрво неверие – тогаш кога ќе се спореди со верата со која се стекнуваме низ подвижничко-благодатниот живот.

(more…)

Read Full Post »

Ако нешто ми е мачно, тоа е кога неупатени во мојата научна и стручна област ќе почнат баш за неа да се поставуваат како авторитети. Како што не можам јас да делам памет за медицина, така не може ниту еден медицинар да наложува дали и како ќе функционира богослужението и литургискиот живот. Литургијата е животна потреба за православниот човек, а не комодитет. Не може литургиското празнување на Цветници, Велигден, Вознесение, Педесетница и т.н. да се изедначи со одење во театар, концерти, кафани и теретани. Не може да се изедначи ниту со секуларното школување, кое исто така, може да се одложи или да се одвива онлајн. Надсуштествената храна што ја примаме на секоја Литургија е поважна за животот на верните, отколку телесната храна. Толку ли е тешко тоа да се прифати? Не мора да се сфати, доволно е да се прифати. Затоа, наместо да се бара „да нема собири“ (без каква било претстава што тие „собири“ претставуваат), би можело со време да се направат следните нешта:

1. Прво, да се покаже доблест и да се побара помош и совет од Црквата и од теологијата за тоа како треба да се постапува во вакви ситуации. Во најмала рака, невозможно е да нема што да се научи од институција што континуирано постои и се справува со секакви предизвици (вклучително и здравствени) полни два милениума;

2. Да се понуди помош за благовремено утврдување на начинот на спроведување на адекватните заштитни мерки при празнувањето. Ова не би требало да биде наложено однадвор, туку би требало да биде осмислено и утврдено од Црквата, со можност за стручна помош од надворешни стручни консултанти;

3. Да се овозможи приоритетен пристап до имунизација за свештенослужителите и ангажираните во храмовите што ќе изразат интерес за вакцинација против КОВИД-19.

4. Јавна свест не се гради со рестрикции и казни. Изминатава година беше доволен сведок за тоа. Потребно е градење доверба, а за тоа е потребна рамнопоставеност на факторите во општеството, а не нивно субординирање. Кој покажува почит, и самиот ќе биде почитуван.

Честита да е седмицата на здравствените работници.

Read Full Post »

Со оглед на тоа дека изминатиов период повеќе луѓе ме прашаа што мислам за имунизацијата против КОВИД-19, еве неколку лични и необврзувачки размислувања:

1. Сметам дека треба да се водиме од медицинските препораки, а не од некопмпетентните и понекогаш многу опасни објави од таблоидите и социјалните мрежи. Конкретно, тоа значи дека треба да се искористи првата соодветна можност за вакцинација. Притоа, особено треба да се следат насоките како да се постапува по вакцинацијата, со оглед на тоа дека е потребно време да се развијат антитела и дека заштитата не започнува веднаш, туку најмалку три седмици по вакцинацијата.

2. Едниственото етичко прашање на кое би обрнал внимание е прашањето околу тоа дали вакцините содржат клетки од пометнати (абортирани) човечки фетуси? Според релевантните податоци што ги имаме на располагање, ниту една од достапните вакцини против КОВИД-19 не содржи такво нешто. Сепак, во процесот на истражување е употребен материјал кој води потекло од пометнати фетуси (од 1973 г. и 1985 г.), и тоа само кај вакцините на Pfizer, Moderna и Johnson&Johnson. Моралната одговорност за ваквиот вид истражувања им припаѓа на оние што ги извршиле, односно ги одобриле истражувањата, но не и на оние што ја примаат вакцината.

3. Понатаму, солидарноста е еден од темелите на европската христијанска цивилизација. Затоа, секоја (сегашна и идна) помош околу имунизацијата треба да се испочитува и да се запомни како светла точка и пример за тоа како народите од југоистокот на европскиот континент треба меѓусебно да си помагаат. Патем, не е момент за бистрење политика и за офтопик дискусии. Дај Боже да стигнат вакцини за сите луѓе што ќе решат да се вакцинираат.

4. Слободата е друг темелен цивилизациски принцип. Волјата на оној што поради која било причина (издржана или неиздржана) нема да сака да се вакцинира треба да се испочитува. Секоја форма на притисок (како ограничување на движењето за невакцинирани лица и сл.) само ги подрива универзалните вредности врз кои се темели општеството. Наместо тоа, потребно е градење на јавна свест и одговорност, која ќе се темели врз трпеливо објаснување и изнесување на фактите околу актуелната здравствена ситуација.

5. Во врска со последното, одбивни ми се кампањите од „маркетиншки“ тип. Едноставно, на луѓето им се потребни аргументи и образложенија, а не „реклами“ и билборди. И покрај мојот категоричен став ЗА вакцинацијата, не би сакал да учествувам во таков вид кампања. Секако, во секое време сум тука за да го споделам моите ставови и размислувања по ова прашање.

Read Full Post »

24. март 1999. Бев трета година средно во Скопје. Вечерта имавме проба на хорот Мирче Ацев во просториите под музичкото училиште чиј влез беше веднаш лево по скалите кон подземниот паркинг на МНТ. Само што почна пробата, еден од хористите што доцнеше влезе и нѐ прекина: „Почнаа!“. „Кој почнал? Што почнал?“, го прашавме. „Почнаа да бомбардираат“. Пробата се прекина и сите пополека си заминавме дома. Сѐ уште не ни се веруваше дека е можно.

*

Два-три дена потоа, откако си дојдовме на себе по првите случувања, се собравме големото хипи-друштво во градски парк. Небаре е 1968. Тргнавме од фонтана, преку школка и лунапарк и потоа свртевме низ сокачето кон моето средно училиште Орце Николов и кон американската Амбасада. Пред Амбасадата стоеше полициски кордон кој кога нѐ забележа тргна кон нас. Нѐ извадија од памет – ние 20-30 деца со хипи знамиња и гитари на рамо. За среќа, кога тргнавме назад, се повлекоа и тие. До вечерта останавме во паркот, свиревме и пеевме. Деца.

*

Наставата во Орце продолжи. Од прозорците училниците што гледаа кон Амбасадата, можеше да се видат вооружени американски војници на покривот, скриени зад вреќи со песок. Некои од нив, со оружјето в раце, беа свртени и кон школото. Добивме заповед никако да не ги „провоцираме“. Што им требаше… Секој ден И. блесавиот застануваше на прозорот и му мавташе на „другарот“ во маскирно одело од спротива, му покажуваше среден прст, му пееше од отворениот прозорец и „пукаше“ кон кего со замислен шмајзер. Ние се газевме од смеење. Директорот и наставниците панично доаѓаа во училницата и ни кажуваа дека им јавиле од Амбасадата учениците да не го прават тоа, бидејќи можело да припукаат… Не припукаа.

*

Со истото хипи друштво ги пречекавме Први и Втори мај. Со скара во викендица, како што си е ред. Авионите надлетуваа, се слушаа детонации зад Скопска Црна Гора, а ние пеевме и свиревме. Тоа знаевме да го правиме. Тогаш се сретнавме со Ана, мојата добра попадија. Пред точно 22 години. Колку тешко време, а какви светли спомени: потсетување дека и во најтешките мигови Бог нема да нѐ остави.

*

Не ги видовме бомбите, освен на телевизија. Гледавме кадри со распаметени луѓе кои ги загубиле блиските во експлозиите, деца што си ги бараат родителите, автобуси и возови во пламен, рушевини… Бевме „на безбедно“, како што беше „на безбедно“ и М. од Лесковац, девојче од нашето друштво, која родителите ја пратија кај роднините во Македонија да се засолни од бомбардирањето. Но, и покрај физичката дистанца, страданието на луѓето во скривниците и под рушевините беше и наше страдание, проживеано и доживеано.

Бог да ги упокои душите на жртвите

Read Full Post »

Не сум меѓу оние што сметаат дека феминистичкото движење е сушто зло или дека либерализмот е a priori спротивен на европсаката христијанска култура. Напротив, уверен сум дека и двете произлегуваат токму од оваа култура и се нејзин неоттуѓив дел. Но, облиците до кои овие две движења буквално дегенерираат во последните децении е со еден збор – јадна. Феминизмот од икс-та генерација станува алатка на консумеризмот, кој сосема има раскрстено со идеалите на хуманизмот. Човештината веќе не е ниту доблест, ниту цел. На нејзино место застанува еден исконски порив за нагрдување на човечкото до непрепознатливост.  

Христијанската аскетско-литургиска култура го гледа човекот како суштество кое е создадено за да се трансцендира себеси, на тој начин што ќе му стане слично на Бога, ќе се „богоуподоби“. Од таа позиција, таа го оспорува хуманистичкиот светоглед како редуктивен, како светоглед кој го сведува човекот на неговите природни дадености, ускратувајќи му ја можноста за битијно себенадминување. Од таа перспектива следува да се толкува и христијанската критика на либерализмот и феминизмот – тие не се сметаат за сами по себе погрешни, туку едноставно за парцијални, недоволни да го приведат човека кон крајните предели на неговото битисување и да му дадат конечна, онтолошка смисла.

Но, современиот стадуим подразбира темелна негација на двата светогледи: Човекот, онаков каков што е, е достоен за презир. Човечкото (премногу човечкото) треба не само да се надмине, туку и да се укине, да се презре, да се понижи. Новиот „човек“ ќе гледа кон стариот, хуманистички разбраниот човек на сличен начин како што овој гледал на животните. Проектот „Übermensch 2.0“ се разликува од својата демо-верзија од пред неполн век единствено во тоа што не ја бара супериорноста во генетиката (па и генот е човечка работа, која треба да биде модификувана, променета, разнебитена). Нагонот за разнебитување е движечката сила на новиот „натчовек“. Конечното разнебитување е смртта – веројатно и таа ќе се прегрне, кога некое утро на билбордите ќе осамнат реклами за „трансфер на свеста од биолошки систем во алгоритамски“. Ќе се ветува „бесмртност“, а цената за неа ќе биде самиот живот; ќе се ветува „божественост“, но она што ќе се добие ќе бидат беспомошноста и агонијата – нешто веќе видено, многу, многу одамна… Можеби ова некому ќе му звучи како некое мрачно пророштво? Но, не ме читајте мене, читајте ги современите постхуманисти кои со неверојатен ентузијазам и страст на сектантски гуруа говорат за „неминовниот upgrade“ на човештвото.

(more…)

Read Full Post »

Од беседата на српскиот патријарх Порфириј на востоличувањето (19. февруари 2021)          

Првенствена задача на Црквата не е да создава подобри услови за живеење; првенствена задача на Црквата не е да се труди да решава каков било вид социјални, политички, психолошки и други проблеми. Во Црква доаѓаме на Света литургија, за тука да го допреме и да го насетиме што е она што е „единствено потребно“ (Лука 10,42), што е најважно; за тука да го допреме и да го примиме Крстот Христов – но Крстот Христов кој истовремено е и Воскресение. Тоа е основната задача на Црквата, затоа таа постои во светот. А сите овие други нешта што ги спомнавме, самото по себе, како продукт на тоа примарно определување, ќе бидат озарени токму со истиот тој Крст и со Воскресението Христово. Ако сѐ имаме, а тоа го немаме – залудно е. Ако тоа го имаме, тогаш сѐ друго сме добиле.

*

Браќа и сестри, важно е да ја осетиме силата на Црквата да го живее и да го сведочи мирот, благовестејќи им го (мирот) на сите народи и на сите луѓе со добра волја. Повторувам, на сите народи, бидејќи секој човек е создаден како икона Божја и сите сме повикани да бидеме едно во Него, Спасителот. Не можеме да си Го присвоиме Христа и да кажеме – Христос е наш и затоа ние сме подобри од другите. Ако Нему му припаѓаме, тогаш се трудиме преку Него секој во нашето срце да биде наш; срцето наше да биде простор, во кој, токму поради тоа што Он во него престојува, ќе има не само место за сите, туку ќе има место за сите да живеат во љубов и во прегратка со нас.

*

Посланието на Црквата е да го изградува мирот и меѓусебната доверба, со силата на Христовиот мир кој ѝ е подарен на Црквата со зборовите „мирот Свој ви го давам“ (Јован 14,27). Ако го имаме Божјиот мир во себе, ќе се помируваме со другите луѓе, со природата, а ќе бидеме и измирени со себеси. Со еден збор, ќе бидеме благовесници на мирот. Нашиот придонес нема да биде пред сѐ во она што го правиме, туку во она што сме, а од тоа што сме – ќе го правиме и она што треба да го правиме. За една таква цел, отци, браќа и сестри, вреди да се живее, вреди и сопствениот живот да се положи.

(more…)

Read Full Post »

„Би сакал да ги повикам сите верници на Српската православна Црква многу ревносно да ги запазуваат сите карантински мерки што санитарните власти ги пропишуваат. Кога ги следев телевизиските кадри од погребението на владиката Амфилохиј имав подвоени чувства. Од една страна, се радував што таму десетивци илјади православни луѓе излегоа да се поздрават со истакнатиот ерарх на на Српската православна Црква. Но, од друга страна, кога го видов сиот тој народ, кога ги видов ерарсите и свештенослужителите во олтарот – ми беше јасно дека по едната смрт ќе следат и други смрти. И за жал, така и се случи. Затоа, би сакал денес да ги повикам и сите наши верни, и свештенослужителите, и ерарсите – да се држат до предострожните мерки. Сега е време кога треба да се седи дома. И архиереите може да седат дома, и свештениците (таму кадешто тоа е можно). Може да се извршува онлајн пренос на богослуженијата, а верните, особено оние во поодмината возраст, треба да останат дома. Мораме да поработиме на тоа да се сочуваат животите на луѓето. Сега во Русија особено се грижиме за тоа. Ги затворивме храмовите во Москва на три месеци и служевме на затворени врати. На Пасха не го пуштивме народот во црква. Некои нѐ осудуваа. Но, сметам дека главната задача сега е да се сочуваат животите на луѓето.“

(Интервју за ТВ Храм од 22.11.2020)

Read Full Post »

« Newer Posts - Older Posts »