Од беседата на српскиот патријарх Порфириј на востоличувањето (19. февруари 2021)
Првенствена задача на Црквата не е да создава подобри услови за живеење; првенствена задача на Црквата не е да се труди да решава каков било вид социјални, политички, психолошки и други проблеми. Во Црква доаѓаме на Света литургија, за тука да го допреме и да го насетиме што е она што е „единствено потребно“ (Лука 10,42), што е најважно; за тука да го допреме и да го примиме Крстот Христов – но Крстот Христов кој истовремено е и Воскресение. Тоа е основната задача на Црквата, затоа таа постои во светот. А сите овие други нешта што ги спомнавме, самото по себе, како продукт на тоа примарно определување, ќе бидат озарени токму со истиот тој Крст и со Воскресението Христово. Ако сѐ имаме, а тоа го немаме – залудно е. Ако тоа го имаме, тогаш сѐ друго сме добиле.
*
Браќа и сестри, важно е да ја осетиме силата на Црквата да го живее и да го сведочи мирот, благовестејќи им го (мирот) на сите народи и на сите луѓе со добра волја. Повторувам, на сите народи, бидејќи секој човек е создаден како икона Божја и сите сме повикани да бидеме едно во Него, Спасителот. Не можеме да си Го присвоиме Христа и да кажеме – Христос е наш и затоа ние сме подобри од другите. Ако Нему му припаѓаме, тогаш се трудиме преку Него секој во нашето срце да биде наш; срцето наше да биде простор, во кој, токму поради тоа што Он во него престојува, ќе има не само место за сите, туку ќе има место за сите да живеат во љубов и во прегратка со нас.
*
Посланието на Црквата е да го изградува мирот и меѓусебната доверба, со силата на Христовиот мир кој ѝ е подарен на Црквата со зборовите „мирот Свој ви го давам“ (Јован 14,27). Ако го имаме Божјиот мир во себе, ќе се помируваме со другите луѓе, со природата, а ќе бидеме и измирени со себеси. Со еден збор, ќе бидеме благовесници на мирот. Нашиот придонес нема да биде пред сѐ во она што го правиме, туку во она што сме, а од тоа што сме – ќе го правиме и она што треба да го правиме. За една таква цел, отци, браќа и сестри, вреди да се живее, вреди и сопствениот живот да се положи.
(more…)