Обично гледам да не се контаминирам со секакви содржини што може да се најдат на социјалните мрежи, но кога луѓе ќе почнат тие содржини да ми ги споделуваат на мојот личен ФБ-профил должен сум – сакал несакал – да ги исчитам. И така, додека цел свет е во исчекување што поскоро да се произведе лек и вакцина за коронавирусот, се наоѓаат такви кои токму во лекот и вакцината гледаат смртна опасност – и тоа, ни помалку ни повеќе – за нивната православна вера. Имено, проповедаат тие, антихристот лично ја предизвикал пандемијата за да може да го „чипира“ целото човештво со „течен чип“, кој, всушност, е „печатот на антихристот“. Секако дека човек со одредени психички нарушувања може да се соживее со една таква прикаска и да потоне во неа (сетете се само на A Beautiful Mind со Russell Crowe), но таквиот може да биде многу убедлив и да привлече други сосема нормални луѓе кои ќе му поверуваат. Кога речиси неограничените комуникациски можности на социјалните мрежи ќе паднат во рацете на такви кругови се произведува колективна конфузија. Тоа го гледаме веќе некое време со „рамноземјашите“, „антиваксерите“, „запрашувачите“ и сл. Сепак, не се во прашања само „психички лабилни лица“, туку цел еден начин на разбирање на религиозноста кој нема ништо заедничко со православната вера. За да го обосновам ваквото тврдење, како што си е редот, ќе започнам со мал историски преглед.
Уште во 17. век американските пуританци на чело со гувернерот Роберт Винтроп ги прогласуваат затекнатите индијански племиња од територијата на Масачусец за сатански слуги, при што безмислосната борба со нив добива „метафизички“ карактер. Во текот на 18. и почетокот на 19. век за главни непријатели на протестантските американци се проглесуваат масоните и илуминатите, како и мормоните, а особено римскиот папа. Ирските имигранти се сметале за главните спроведувачи на папаската завера да завладее со САД и да ги укине слободите на граѓаните. Набргу, акцентот се поместува кон анти-ропското движење во САД, кое повторно се гледа како заговор – овојпат против белата раса чиј супериорен статус е востановен лично од Бога. Појдовниот наратив на кју-клакс-кланот во времето по граѓанската војна во САД е дека постои завера, според која дотогашните робови ќе станат господари и ќе го „африканизираат“ југот. Во сите наведени случаи забележуваме своевидно „воплотување“ на „есхатолошкиот непријател“ (сатаната) во ликот на оние што се обележани како „непријатели“ во овој век. Оттука, евентуалната победа на „непријателот“ во конкретниот историски момент се гледа како духовна катастрофа со космички димензии. Во прашање е борба меѓу доброто и злото која се одвива сега и тука, во материјалниот свет, и од чиј исход зависи судбината на човкот во вечноста. На тој начин, се губи границата меѓу телесната и духовната борба, што од гледна точка на православната аскетика е недопустливо, бидејќи според според неа историската криза вообичаено се толкува како шанса за духовна обнова преку μετανοία, т.е. покајание. На таков начин се толкуваат најтрауматичните епизоди од историјата на православната црква, како што се падот на Константинопол, Црвената револуција или страданието во нацистичките концентрациони логори. Но, да се вратиме на историскиот преглед на теориите на заговор. (more…)