Feeds:
Написи
Коментари

Posts Tagged ‘коливари’

Текстот е објавен во Премин, број 43/44

ogledalo.jpg

1. Основна карактеристика на богословието на преподобен Кирил Пејчиновиќ е бескомпромисната Христоцентричност – во неа сè е осмислено од Богочовекот. Неговата етика, толку истакнувана како единствена значајна тема, е до својата срж втемелена на Каменот, кој нејзините не малобројни проучувачи, толкувачи и критичари едноставно Го отфрлија и ја оставија да „лебди во воздух“. Во овој контекст, од пресудно значење е светоотечкото разбирање на етиката, кое на отец Кирил му било многу добро познато. Тоа ја поставува етиката секогаш во контекст на аскетиката, подвижништвото. Последното, како изразито динамично дејствие, секогаш подразбира искачување кон Прволикот, Образот (оттука доаѓа и етимолошкото и семантичкото значење на терминот образование), т.е. уподобување на Христа. Без овој аскетски елемент, кој е силно нагласен кај отец Кирил, етиката останува сосема обесмислена и обезличена, бидејќи безумно се ампутира, ни помалку ни повеќе, самата нејзина глава – Личноста на Богочовекот.

Ваквата атеистички разбрана етика, во себе го асимилира и просветителството, кое останува осмислено од неа самата – етиката со загубена смисла. Самиот игумен Кирил, пак, на просветителството гледа од сосема поинаква перспектива. Ако секуларистичката беше дводимензионална, површинска, тогаш Кириловата перспектива е изразито тридимензионална, а по својата насоченост – обратна, на што укажува и насловот на неговото најзначајно литературно дело „Огледало“. Таа е секогаш свртена од внатрешноста кон надворешноста, од суштината кон формата, од Христа кон светот. На тој начин, и најмалото делче од овој свет ја наоѓа својата смисла во Богочовекот и во пројавувањето на Царството во него.

Кириловото просветителство секогаш подразбира средба – средба со Самата Светлина на светот, разбрана во сета Своја ипостасна полнота како Слово Божјо. Тој природно ја подразбира едноипостасноста на Светлината и Словото. Единствено преку таа едноипостасност може да се проникне во смислата на науката и просветителството и нивната онтолошка поврзаност. Затоа, наведувајќи ги богомудрите зборови на светиот евангелист Јован Богослов: „Елици пријаша Его, даде им власт чадом Божиим бити, елици од Бога родишасја, а не от плоти и крви и похоти“ (Јован 1,12-13), последните зборови ги објаснува: „сиреч (односно) научених од духовних, а не од плотских… (и заклучува) – и зато треба да послушамо слово Божие“[1]. Тајната на раѓањето за вечен живот, т.е. Боговосинувањето, за него е реализирана во познанието на Словото Божјо – во теологијата, односно богословењето – словењето за Бога… (more…)

Read Full Post »

Текстот е објавен во Премин, број 41/42

kiril4.jpg

…колку силу имат свјатое причаштение и какво оружие ест на дајвола и какво во оставление грехов бивает и какво соединение с Богом и какво освјаштение, чак и обожение! (Отец Кирил Пејчиновиќ, Огледало)

1. Преподобен Кирил Пејчиновиќ е роден во православно христијанско семејство, во Теарце, Тетовско, околу 1770 година. Љубовта кон монашкиот подвиг и образованието ја стекнува често посетувајќи ги македонските манастири, од кои најзначајно влијание врз неговата понатамошна животна определба имал манастирот „Света Пречиста Кичевска“. Заедно со татко му Пејчин, по кого го добил презимето, и со чичко му заминува за Света гора атонска. Во манастирот Хиландар прима монашки потстриг, при што го добива името Кирил и бива ракоположен за јеромонах.

Оттаму доаѓа во Марковиот манастир, Скопско, каде игуменствувал осумнаесет години. Во 1818 година, откако повторно ќе го посети Хиландар и ќе земе благослов од отците, заминува во родното Теарце и набргу станува игумен на Лешочкиот манастир. Го обновува запустениот манастир, ги гради црквата посветена на Успението на Пресвета Богородица, конаците и други придружни објекти. По дваесет и седум годишното игуменствување во лешочкиот манастир, во 1845 година, отец Кирил се упокојува во Господа.

Автор е на: Огледало (печатено во Будим, 1816), Житие на кнезот Лазара со паметник за обновата на лешочкиот манастир (1818), Утешение грешним (напишано во 1831, печатено во Солун, 1840); три писма до српскиот кнез Милош Обреновиќ (1832-1833) и стихуваниот епитаф (1835). Од големо значење за неговата биографија е и „дневникот“, кој го водел запишувајќи куси записи на ѕидовите и книгите во храмовите и манастирите кои ги посетувал… (more…)

Read Full Post »