Каде е местото на празнувањето на новата година во животот на православните христијани? Ова е прашање на кое деновиве можеше да се слушнат најразлични коментари. Не би можел да кажам дека православието има некој конечно утврден „официјален“ став по прашањето. Токму поради тоа и самиот не би си дозволил да предложам ништо повеќе од едно лично видување.
Во принцип се јавуваат две бариери кои предизвикуваат во најмала рака резервираност на верните кон празнувањето на првиот ден од календарската година. Првата е определена од световниот карактер на празникот, а втората од календарот поред кој тој се празнува. Ми се чини дека втората бариера произлегува од проблемот со првата – како да недостасува јасно разликување на световното од духовното. Нели, логиката е – зошто еден наполно световен празник би требал да претставува проблем за верата? И следствено, ако тој празник е нешто тотално неповрзано со нашата вера – тогаш зошто би ни пречела неговата календарска лоцираност?
Но тука самото од себе се поставува прашањето – дали за еден православен христијанин такво отсечно разликување на световното и духовното може да биде воведено? Дали може световниот празник да се празнува потполно независно од црковниот? За секој кому религиозноста во принцип не му е блиска одговорот е јасен – да, се разбира дека може! Дури и да се најде некаква поврзаност – таа поврзаност во никој случај не би подразбирала подредување на световното празнување под духовното. Напротив – празнувањето на најлудата ноќ продолжува уште неколку дена – низ кулминацијата на лудоста на „Коледе-леде“, преку бадничкиот chill out, па сè до фајронтот за „Стара нова година“. Но тоа е друга тема…