Feeds:
Написи
Коментари

Posts Tagged ‘покајание’

16-580x382OK

Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик (Лука 14, 26)

Што се овие зборови, ако не најдлабоката негација на логиката на психоанализата? На логиката, која ја условува човечката личност и нејзините дејствија со нејзините преживеани искуства, трауми и одлуки. Класичната психоанализа ги нагласува првите пет години од животот на детето како формативни за личноста. Трансакциската анализа го претставува ваквото гледиште на најсликовит начин, зборувајќи за его-состојбите „родител“, „возрасен“ и „дете“, кои се оформени пред се под влијание на односот кој сме го изградиле кон родителите во нашето рано детство. Неодамна дознав и за теорија, според која политичките и идеолошките ставови на една личност се формираат во возраста помеѓу 14 и 24-та година од животот. Проблемот на психоанализата не е во фактот дека го дијагностицирала психолошкиот детерминизам, туку во начинот на кој таа се обидува да се справи со него. Според психоанализата, за да се надминат ваквите дадености – тие прво мора да се осознаат. Овој процес на осознавање знае да потрае долги години, а често и цел живот. Психоанализата е опседната со минатото, со анализирање на даденото, постоечкото… со ровење на обрасци од минатото, кои би можеле да се рециклираат во некоја поприфатлива или пожелна форма. (more…)

Read Full Post »

Текстот е објавен во „Православен Пат“, бр. 24 (мај 2010)

Филмот „Остров“ остава исклучително силен впечаток со својата многуслојност, внатрешните аналогии, поврзаности и контрасти, со што успева да ја допре сржта на православното аскетско мислење и дејствување. Секогаш актуелниот карактер на православната аскетика (а особено на прашањето за гревот и покајанието) следува да го оправда навидум задоцнетото појавување на овој есеј, неколку години по првото прикажување на филмот и со доволна дистанца од првиот еуфоричен бран реакции поттикнати од него. При тоа, намерно би избегнал да се вплеткам во општи и генерални кажувања, туку би претпочитал да посветам внимание на една епизода, која силно ми го привлече вниманието: финалниот дијалог помеѓу јуродивиот старец Анатолиј и Тихон. Има нешто необично во целиот тој дијалог, ако се гледа просто како разговор во кој старецот бара прошка од Тихон. Ако човек се вдлабочи во разговорот, може да забележи своевидна двојственост на односот на старецот кон Тихон.

Пред самиот крај на разговорот, Тихон му простува на старецот. Но, тука – според стандардите на пиетистичко-религиозен начин на мислење, веќе тешко метастазиран во нашата религиозна култура – би следувало двајцата да се расплачат, или да се прегрнат, или што било друго во тој дух да направат. Но, се случува нешто сосема поинакво. Разговорот не завршува со Тихоновите зборови: „Ти простувам“, пропратени со очекуваниот „блажен“ и насолзен поглед на исповеданиот старец во кадарот, кој полека се затемнува. Старецот, откако успеа да измоли прошка од човекот кого го уби, го заврши разговорот со зборовите: „Тихон, оди си во мир… Господ е со тебе“!? (more…)

Read Full Post »