Feeds:
Написи
Коментари

Posts Tagged ‘празнување’

Низ иглени уши влегоа Германците во полуфиналето на ЕП во фудбал! Турците душата им ја извадија – покажаа страшно добра игра и само малку фалеше да победат…

Очигледно е дека, дури и еден фудбалски аналфабет, како што се доживував самиот до пред неколку дена, ќе се навлече на целата работа кога ќе се најде во Германија – просто воздухот си е таков. Секако, посебен „филм“ е да си тука кога Германците влегуваат во финалето и се на еден чекор од шампионската титула. Сепак, впечатокот кој го стекнав од германското навивање и целата атмосфера (пред сè како одраз на нивната сегашна култура и светоглед) – е жален, многу жален.

На почеток не можев да си ги дефинирам работите. Просто имаше некое непријатно чувство во воздухот, кое изгледа само јас го восприемав. Целата таа еуфорија чадеше од бесмисла, од некаков прикриен очај, кој не можев да си го објаснам. Во толпата влегов насмеан од уво до уво, пола час покасно (кога успеавме некако да се пробиеме низ неа) се чувствував најпросто кажано – многу тажно.

Какво беше целото тоа празнување? Што се празнуваше? Мене ми изгледа многу глупаво да поверувам дека единствената причина за тој собир, за целиот излачен адреналин и за еуфоричната радост на крајот – е просто тоа што дванаесетте растрчани Германци успеаја повеќе пати да ја бутнат топката во спротивниот гол, отколку што тоа можеа да го направат нивните турски колеги. Секако дека популарниот спорт си ја темели популарноста на многу повеќе фактори отколку само спортот, но сега нема да навлегувам во не знам какви психолошки, социјални и философки анализи. Она што тука ме интересира не е просто прашањето „зошто фудбалот е популарен“, туку попрво прашањето: „од каде доаѓа потребата на луѓето за вакво псевдо-празнично доживување на нештата како што е фудбалот“? (more…)

Read Full Post »

big2.jpg

Отец Андреј Лоргус – декан на Психолошкиот факултет при Рускиот православен универзитет „Свети апостол Јован Богослов“ – смета дека е можно празнувањето на денот на свети Валентин, како ден на вљубените, да биде прифатено од православната Црква.

„Јас не гледам ништо погрешно во тоа. Слава му на Бога што луѓето наоѓаат можност да поминуваат повеќе време заедно и да си разменуваат подароци. Се разбира, тука зборуваме за љубов, а не за некаква мода или пасивно восприемање на одреден начин на однесување. Ако го правиме последното треба да се засрамиме“. Според отец Андреј, денот на свети Валентин како празник „може да биде добар или лош, исто онолку колку што и празнувањето на Новата година може да биде добро или лошо. За многумина овие празници претставуваат радост и можност да покажат љубов, дарежливост и великодушност“.

Коментирајќи го етикетирањето на денот на свети Валентин како „пагански“ или „комерцијален“ од страна на некои млади православни луѓе – тој вели дека авторите на ваквите ставови се „понесени од стравот, од една страна, и од лицемерието и желбата да се покажат во јавноста, од друга страна. Постои и здрав мотив во ваквиот нивен протест, а тоа е ревноста по нивната православна традиција. Сепак, како што е добро познато, таквата ревност, за жал, не секогаш е водена од разумот“.

Истовремено, отецот се согласи дека големото популаризирање на денот на свети Валентин има комерцијална природа и дека многумина заработуваат големи пари од сето тоа. (more…)

Read Full Post »

kolede.jpg

Во денешниот број на Дневник се појави текст кој за прв пат во Македонија на еден поодлучен начин го презентираше негативниот став на Црквата кон бадникарските традиции. Текстот беше насловен како: „МПЦ против прослава со пагански обичаи – Со ракија и огнови не се слави Божик“.

Бадникарските огнови, печењето колбаси и пиењето ракија се во апсолутна спротивност со начинот на кој верниците треба да ги одбележуваат деновите пред Божик, сметаат достоинственици на МПЦ. Митрополитот струмички Наум и митрополитот американско-канадскати Методиј, велат дека гозбите и пиењето околу коледарските огнови е во целосна несогласност со црковното предание и со божикниот пост.

„Бадник го славиме по пагански, а Божик, ако имаме сила да го славиме заради бадниковите теревенки, тоа го правиме по рисјански. Посната бадникова вечера, како претпразненство на големиот празник на Христовото раѓање, кое треба да го сплоти семејството, и полноќната Божествена литургија се заменети со литаниите на маалските огнови и култот на греената ракија. На тој начин се уништува убавината и раскошното предание на нашата празнична култура“ – потенцира епископот Методиј во својата колумна „Реставрација на традиции или реставрација на примитивизам“, објавена на интернет-порталот на МПЦ „Преминпортал“… (more…)

Read Full Post »