За оној кој верува, философијата е исповедање на верата, умно осмислување на христијанските догмати. Тоа, пак, не значи дека е можно во догматските сокровишта на светата Црква да се изнајдат јасни одговори и дефинирани формулации за сите богословски прашања. Философот верник не е избавен од неопходноста да тргне по патот на трагањето. Но, неговата појдовна точка е секогаш различна од појдовната точка на еден неверен или маловерен философ. Неговата појдовна точка е секогаш божественото Откровение, кое е дадено и кое се чува во благодатното искуство на Црквата, и кое се наоѓа во Светото писмо, во Символот на верата, кај светите отци, во свештенодејството на Литургијата. Тоа е непресушен источник на вдахновение за мислата, источник кој не е недоречен и кој не зависи од ничија волја. Философот христијанин живее во Црквата и учествува во нејзиниот живот. Методот на христијанската философија не е метод на согласување и помирување на вистините на природата со законите на верата. Христијанскиот мислител не прави разлика помеѓу верата и разумот. Христијанската философија започнува од вистините на верата и во нив ја открива светлината на разумот. Може да се рече дека христијанските догмати во себе веќе го содржат, во функција на претпоставка, севкупното богословие, како вистинско и неоспорливо. Делото на философот христијанин е да ги изнајде, да ги дефинира и да ги објасни тие претпоставки. Тоа е умно толкување на христијанскиот Символ на верата. Запознавањето со подвижништвото и основното подвижничко знаење даваат повеќе од секој вид методологија. Искуството на философот, претворајќи се во религиска пракса, се преобразува на квалитативен начин. А со оглед на тоа дека Исус Христос е главниот објект на догматското искуство, може да се рече дека севкупната христијанска философија претставува токму умно толкување на христолошкиот, халкидонски догмат. (more…)