Вчерашното Евангелие на Литургијата (Јован 5,1-16) ни зборуваше за болниот човек исцелен во сабота и реакцијата на нездравиот традиционализам на ова чудо. Имено, Јудејците не го гледаат чудесното исцеление на човекот кој боледувал полни триесет и осум години, туку гледаат како како Исус врши „исцелителска дејност“ во неработен ден. Кога традицијата погрешно ќе се втемели таа станува контрапродуктивна. Традицијата има своја цел и смисла, но таа цел и смисла не е самата традиција, традицијата не е самоцел. Не може животот да и служи на традицијата, туку традицијата треба да му служи на животот.
Денес имаме бројни практики кои ги перцепираме како традиција, а немаме поим која е нивната стварна функција во животот. Некој од нив се со постар датум, а некои се стари само неколку децении. Се едно, ние ги примаме како нешто предадено од претходните генерации, т.е. како традиција. Но, многу често ги третираме како сами по себе разбирливи и сами во себе основани. Ќе ви дадам пример кој ми е актуелен последниве денови. Во нашата современа здравствена и родителска култура е речиси незамисливо таткото да присуствува на породување. Дури сега, по препорака на Светската здравствена организација, македонското „конзервативно“ здравство попушта и овозможува услови за татковиците кои сакаат да бидат покрај мајката за време на породувањето. Мнозина тоа го сметаат како нарушување на „традицијата“, но не е така.
Нарушувањето на традицијата е исклучувањето на таткото од породилниот процес под влијание на радикалната модернизација од средината на минатиот век и неконтролираната санитаризација и фармакологизација на здравството. Веројатно, во даден период тоа било навистина потребно, но проблемот настапува тогаш кога строгите правила на транзициониот период ќе станат стандард за следните генерации. Особено се бизарни „аргументите“ на постарите лекарКи (пазете, ова е „женски “ аргумент) како „породувањето е интимен чин што треба мајката да го помине сама“. На страна противаргументите што може да ги дадеме, ваквото гледање нема никаква врска со првичниот мотив за одвојување на родителите за време на породувањето. Од женска гледна точка, мајката се лишува од насушната поддршка на најблиската душа со која го зачнала детето кое од неа се раѓа. Од машка гледна точка, таткото се осакатува за едно искуство без кое не може да гради здрав однос кон својата жена и семејството. Од семејна гледна точка, тоа е крстот преку кој семејствто се раѓа за нов живот и треба да го износи заеднички и целосно.
Кога прв пат, пред осум години додека живеевме во Келн, присуствував на породувањето на нашиот син, единствениот човек кој ми даде поддршка беше татко ми Стојан. За разлика од мајка ми, лекар и жена родена во град која модернизацијата ја „фатила“ од најрани години, татко ми беше роден на село и се уште ги паметеше вековните стандарди на автентично традиционалната православна јужно-словенска култура. Додека сите ме раскандисуваа и убедуваа да не потклекнувам на „либералните европски измишљотини“, татко ми ми кажа: „Глупости, кој на село порано и помагал на жената да се породи ако не мажот?“. На мојата забелешка дека сепак имало бабици…, тој ми одговори: „Бабицата некогаш ќе стигне, некогаш нема да стигне, а некогаш нема ни да сакаш да ја викнеш. Ако ти се оди, да одиш и ич да не ги слушаш што ти зборат“.
По осум години, завчера повторно бев до мојата жена на породувањето во Клинички центар. Како што веќе знаете, ни се роди ќерка. Ве уварувам дека тоа искуство е незаменливо и непроценливо – не просто за мене како татко, туку и за Ана како мајка, но и за Милица како новородена ќерка која своите први искуства ги врежува во своето срце, а исто така и за нашите претходно родени деца кој знаат дека нивниот татко не ја оставил мајка им да се породува сама. Традициајта е движечка сила на заедницата тогаш кога ја помни својата смисла и тогаш кога ние ја помниме автентичната традиција, а не сурогатите за неа лишени од било каква смисла и вредност.