Feeds:
Написи
Коментари

Posts Tagged ‘теологија’

За оној кој верува, философијата е исповедање на верата, умно осмислување на христијанските догмати. Тоа, пак, не значи дека е можно во догматските сокровишта на светата Црква да се изнајдат јасни одговори и дефинирани формулации за сите богословски прашања. Философот верник не е избавен од неопходноста да тргне по патот на трагањето. Но, неговата појдовна точка е секогаш различна од појдовната точка на еден неверен или маловерен философ. Неговата појдовна точка е секогаш божественото Откровение, кое е дадено и кое се чува во благодатното искуство на Црквата, и кое се наоѓа во Светото писмо, во Символот на верата, кај светите отци, во свештенодејството на Литургијата. Тоа е непресушен источник на вдахновение за мислата, источник кој не е недоречен и кој не зависи од ничија волја. Философот христијанин живее во Црквата и учествува во нејзиниот живот. Методот на христијанската философија не е метод на согласување и помирување на вистините на природата со законите на верата. Христијанскиот мислител не прави разлика помеѓу верата и разумот. Христијанската философија започнува од вистините на верата и во нив ја открива светлината на разумот. Може да се рече дека христијанските догмати во себе веќе го содржат, во функција на претпоставка, севкупното богословие, како вистинско и неоспорливо. Делото на философот христијанин е да ги изнајде, да ги дефинира и да ги објасни тие претпоставки. Тоа е умно толкување на христијанскиот Символ на верата. Запознавањето со подвижништвото и основното подвижничко знаење даваат повеќе од секој вид методологија. Искуството на философот, претворајќи се во религиска пракса, се преобразува на квалитативен начин. А со оглед на тоа дека Исус Христос е главниот објект на догматското искуство, може да се рече дека севкупната христијанска философија претставува токму умно толкување на христолошкиот, халкидонски догмат. (more…)

Read Full Post »

Последниве неколку седмици се навратив на „Источниците на знаењето“ на свети Јован Дамаскин. Не можам при тоа да ја прикријам својата зачуденост поради во современата богословска и философска наука речиси општоприфатеното претставување на неговата мисла како изрично комплаторска. Свети Јован Дамаскин е исклучително интересен и оригинален автор.

Она што за еден православен читател е особено привлекувачко кај него е начинот на кој чисто философските термини и категории кај него биваат претставени и разгрнати. Воопшто, Дамаскиновата „Дијалектика“ (првата книга од „Источниците на знаењето“) е извонреден учебник по философија и топло би го препорачал секому кој има желба да се запознае со мудроста на античките философи од перспектива на христијанското богомислие. Философирањето на Дамаскин се карактеризира со исклучителна систематичност, при што на секоја страница од неговите философски списи доминантен останува христијанскиот фундамент. (more…)

Read Full Post »

Понекогаш навистина е интересно да се пратат статистиките на блогот. Можно е да се видат не само бројот на дневни посетувања, туку и посетеноста на секоја тема поединчено, како и клучните зборчиња кои посетителите на блогот ги користеле во пребарувачите за да стигнат до некој од текстовите објавени на блогот. Така, на пример, често има периоди кога луѓе се интересираат за една или друга тема, во врска со која бараат информации преку Гугл или некој другите пребарувачи. Има теми кои постојано се интересни, како на пример темата за вевчанскиот карневал. Но има и теми кои со седмици и месеци не се отвараат, за од еднаш интересот за нив енормно да порасне. И така, денес забележав дека неколку месеци нечепнатата тема за отец Кирил Пејчиновиќ пак е во центарот на вниманието. Претпоставувам дека тој „сезонски“ интерес за животот и делото на големиот лешочки игумен и просветител се должи на неговото присуство во учебните програми. Токму со таа цел би сакал да допишам неколку дополнителни зборови, кои би можеле да им бидат од полза на читателите при читањето на објавените текстови.

Изборот на темата за отец Кирил Пејчиновиќ воопшто не е случаен. Неговата личност и дело сеуште се интерпретираат во мисловните формати поставени кај нас уште пред неколку децении, кога една група на елитни македонски научници се обиде да ја истакне и протолкува просветителсаката дејност на оваа амблематична фигура од првата половина на македонскиот 19-ти век. Резултатите на нивната научна работа денес претставуваат стандардизиран дел од наставните програми во македонските училишта и факултети.

И покрај тоа што значајот на овие постигнувања е неоспорлив, треба да се земе предвид дека истите се темелат врз едно суштинско парцијализирање и редуцирање на личноста на Кирил Пејчиновиќ. Како да постојат два Кирила – едниот монах, а другиот просветител. Според овој пристап, вториот е во центарот на вниманието, тој е „големиот македонски преродбеник Кирил“. Но првиот изгледа дека постои само за да создава проблеми во нашата научна работа. Зошто? Па затоа што според мисловните матрици на времето во кое овие истражувања биле извршувани монаштвото и просветителството, богословието и науката, Црквата и универзитетот – просто не можеле да одат заедно… (more…)

Read Full Post »

holy_trinity.jpgrublev_trinity.jpg

Пред некое време прочитав еден текст на пергамскиот митрополит Јован Зизиулас, кој се бавеше со прашањето за славното filioque. Во него се презентира „помекиот“ став кон проблемот, при што се предочува неговата комплексност и се инсистира на еден непредубеден и повнимателен пристап кон неговото разгледување. Ми остана во сеќавање не занемарливото совпаѓање на изложените претпоставки со оние на латинофроните византијци од 14. и 15. век, како и на западните теолози кои се обидувале да најдат компромисно решение по прашањето.

Имено, тој ја потенцира несоответноста на латинскиот термин procedere во однос на грчкиот εκπορεύομαι. Procedere е со пошироко значење и не располага со прецизноста на својот грчки еквивалент. Следствено, кога латините велат дека Светиот Дух исходи „од Отецот и од Синот“, тие го гледаат „икономијното“ исходење, т.е. ја поставуваат перспективата од себе си. Православните, пак, инсистираат на потполна прецизност, додавајќи го на икономијниот и внатрешнотринитарниот аспект на исходењето, запазувајќи ја формулацијата „од Отецот преку Синот“. И покрај тоа што се оддава прознание за прецизноста на грчката формулација, латинската сама по себе не се гледа како погрешна.

Она што е многу интересно е фактот што одговорот на ваквата перспектива кон проблемот е даден уште во 14-15. век. Неговата категорична неусогласивост со православното богословие ја има во голема мерка својата основа во учењето за нeтварните Божествени енергии, најпотполно систематизирано од свети Григориј Палама. Спорот за filioque може да се разгледува од призмата на спрот за создадената Благодат.
(more…)

Read Full Post »