Feeds:
Написи
Коментари

Posts Tagged ‘Шмеман’

Кога јас би бил „старец“ би му го кажал следното на „кандидатот“/ „кандидатката“ (за стапување во монашки чин):

– Најди некоја работа, по можност наједноставната и лишена од „креативност“ (на пример, на шалтер во банка);

– Работејќи, моли се и стекнувај внатрешен мир, не биди злобен, не барај го своето (права, правдини и т.н.); примај секого како да е пратен од Бога и моли се за него;

– Со исклучок на парите потребни за најскромен стан и најскромна храна, давај ги сите твои пари на сиромашните – но на конретни личности, а не на „хуманитарни фондации“;

– Оди секогаш во една и иста Црква, и труди се таму навистина да бидеш од помош (не држејќи „предавања“ за духовниот живот, или за иконите, не преку „даскалствување“, туку преку „бришење на подот“ – како што советува преп. св. Серафим Саровски). Придржувај се до таквото служење и биди во потполно послушание на настојателот на парохијата;

– Не се наметнувај во служењето и не жали што „сите твои дарови не се искористени“, помагај и служи во она што е неопходно, а не таму кадешто ти сметаш дека е потребно;

– Читај и учи согласно на мерката на твоите сили, но не читај исклучително „монашка литература“, туку читај и пошироко (ова треба попрецизно да се искаже);

– Ако пријателите и познатите те викаат на гости (бидејќи ти се блиски) оди, но со „расудување“ и не често. Не задржувај се никаде повеќе од 1,5-2 часа. После тоа и најпријателската атмосфера станува штетна;

– Облекувај се апсолутно како и сите останати, но скромно. И без било какви „видливи“ ознаки на твојата посветеност на „духовниот живот“;

– Биди секогаш едноставен, светол и весел. Не ги поучувај другите. Од „духовни разговори“ и од разните „религиски“ и „црковни“ расправии бегај како од огин. Ако така постапуваш – сѐ ќе ти биде од полза…;

– Не барај „духовен старец“ или „раководител“. Ако ти е потребен ќе ти го прати Бог, и ќе ти го прати тогаш кога ќе ти биде потребен;

– Служејќи и работејќи на ваков начин 10 години (во никој случај помалку од тоа) барај од Бога одговор дали треба да продолжиш така да живееш, или е потребна некаква промена. И чекај го одговорот: тој ќе дојде и неговите знаци ќе бидат „радост и мир во Духот Свети“ (Рим. 14,17).

Oд Дневникот на отец Александар Шмеман; од изданието: Прот. Александар Шмеман, „Наш живот у Христу, Христов живот у нама, Изабране беседе, есеји, студије и одломци из дневника 1973-1983“, Београд 2007.

(more…)

Read Full Post »

preobrazenie2.jpg

Целото богомислие на Кавасила буквално дише со духот на паламизмот. Но, Кавасила при тоа не останува на спорната проблематика за божествените енергии – тој ја инкорпорира во својата мисла и продолжува да твори понатаму. Продолжува да твори во духот на истото предание од кое „паламизмот“ (како дискурзивно вообличен одговор на една хетеродиксија) се изнедрил. Тој не ја користи „стандардизираната“ паламитска терминологија, ниту пак се обрнува кон веќе сосема баналната проблематика на завршениот спор – тој просто го благовести паламизмот со еден друг, нему многу поприроден и поблизок јазик.

Јазикот на спорот беше јазик некарактеристичен за православното богословствување, тоа беше своевидно снисходење на опонентите, како би можело со нивниот јазик да се пренесе учењето на православните исихасти. Уверен сум дека ако сакаме да го запознаеме висинскиот Палама – ќе треба да ги прочитаме неговите беседи, искажани после спорот, во времето кога бил архиепископ на градот Солун. Тука неговото богословие се враќа во неговиот најприроден контекст – во литургијата. И тогаш станува забележлива една карактеристика која Палама и Кавасила ги прави неразделни еден од друг – богословието на беседите на Палама и богословието на За животот во Христа на Кавасила е во потполност единосуштно!

Токму Кавасила, на еден маестрален начин, тајноводејќи нè низ своите чудесни седум беседи за животот во Христа, успева да ја врати паламитската проблематика од преговарачките маси на литургискиот престол. Во тоа се состои и неговата генијалност. Ако паламитската синтеза успеа во дискурзивни поими да ја претстави теологијата вековно негувана во православното литургиско-аскетско предание – синтетизирачката работа на Кавасила се одвива во спротивна насока, истовремено правејќи еден значаен чекор понатаму. Тој ги применува основните заклучоци на учењето на Палама – врз самиот живот на Црквата, при тоа правејќи чекор кон една уникална нова синтеза на православното богословие: литургиската.

(more…)

Read Full Post »

Преводот е објавен во „Православен Пат“, бр. 20, Ноември 2007

schmemann.jpg

Кога ќе умрам, можете слободно во само еден пасус да го напишете мојот „in memoriam“. Сè што треба е да напишете е дека целото мое сфаќање на светот, сиот мој живот може да се резимира во една куса реченица: две „не“, едно „да“ и есхатологијата, т.е. две „не“, едно „да“ и Царството кое доаѓа. Првото „не“ е упатено кон секуларизмот, т.е. кон секој обид за објаснување на светот како нешто кое самото по себе има некаква смисла, бидејќи светот самиот по себе е бесмислен. Второто „не“ е упатено кон религијата, бидејќи Христос не донел религија која ќе треба да му помогне на секуларниот човек во решавањето на неговите проблеми, туку го донел Царството Божјо. Одговорот „да“ е упатен кон Црквата, која е Царството Божјо, есхатологијата која започнала уште сега и тука меѓу нас.

Протоереј Александар Шмеман

 

Кога станува збор за современата криза на христијанството, или поточно, за кризата на христијанството во современиот свет, сè би можело да се сведе на еден основен проблем: на длабокиот и навистина сеопфатен раскол во самата христијанска свест. Во течението на изминатите векови – почнувајќи од времето на ренесансата – тој раскол започнал да се отвора помеѓу христијанството од една страна и општеството, кое сè повеќе се оддалечувало од христијанството, од друга.

Наспроти христијанството, т.е. Црквата како христијанска институција, стоело општеството на овој свет, кое, со текот на времето, сè повеќе се отуѓувало од секоја христијанска институција. Со други зборови, започнувајќи некаде од XVIII век, постојат два меѓусебно спротивставени табори: христијанскиот и секуларниот. Секуларниот табор – кој не секогаш бил задолжително и антихристијански – се сметал себеси, во секој поглед, за слободен од било каква религиска принуда или обврска. И токму во тој табор, во течението на изминатите неколку векови, се оформиле двете основни политички и психолошки категории, кои вообичаено ги нарекуваме (не размислувајќи за смислата на тие зборови) – „левичарство“ и „десничарство“…

(more…)

Read Full Post »