Постојат некои кои имаат различен пристап кон прашањето и го предлагаат примерот со човекот, полагајќи усилија да докажат дека во Христа има една природа [составена] од божество и човештво. Тие се обидуваат да докажат дека како што човекот е наречен „една природа“, иако е составен од различни природи (имено од душа и тело), така би следувало да кажеме и дека во Христа има една природа, иако велиме дека Христос е од две природи (имено божество и човештво). Но, ние би им го кажале ова на нив: макар што човекот е составен од различни [природи] – душа и тело – тој е наречен „една природа“, бидејќи таа обично ги претставува сите ипостаси и лица (πρόσοπα)[2], кои се содржани под еден и ист вид. Зашто, се разбира дека и покрај тоа што секоја ипостас или лице (како на пример Петар или Павле) е разделена една од друга врз основа на своите лични својства, сепак тие не се разделени по природа, бидејќи двете се човечки суштества. И повторно, човекот не е душа разделена од телото, ниту тело разделено од душата, туку тој е создаден од небитие и створен како душа и тело. И секое творение, иако составено од различни елементи, сепак е речено да ја поседува таа една природа во која Бог го создал.
Но ова не е случајот со Христос, зашто очигледно не постои заедничка [Христова] природа или суштина, која е претставена од многу ипостаси и лица, како што е во случајот со човекот. (Зашто ако беше така, ќе имаше многу Христоси, од кои оваа општа природа би била претставена; но да се каже ова би било неблагочестиво.) Додека човекот во почетокот бил составен од тело и душа, Христос не бил создаден на почетокот од божество и човештво, па за да може да има „Христова“ природа. Туку Логосот, Кој е Бог пред вековите, Кој Му сопостои на Отецот и е од истата природа и суштина, Кој е Создателот на сите нешта и Кој во овие последни денови ипостасно ја обедини природата на човекот со Себеси, стана човек без да престане да биде Бог. Поради тоа Христос е една ипостас или лице и тој во Себе ја има полнотата на несоздадената божествена природа, а исто и полнотата на човечката создадена природа. Па како може тогаш да зборуваме за една природа или суштина во Него, во Кого препознаваме две природи: една создадена и друга несоздадена? Ако Христос е една ипостас или лице, и [ако] истиот Христос е едносуштен и на Бога Отецот и нам, тогаш очигледно Тој не е едносуштен [и на Бога Отецот и нам] со едната заедничка [Христова] природа или суштина. Зашто ако Христос е една природа или суштина, тогаш или е до тој степен бестелесен, што е едносуштен само на Бога Отецот, зашто постои [само] една божествена природа или суштина; или е до тој степен чист човек, што ни е едносуштен само нам, зашто постои [само] една човечка природа. Или, пак, ако едната или другата од [двете] природи е изменета, тогаш се произведува некоја [трета] природа различна од овие кои се соединиле. Следствено, Христос ниту станал човек, ниту останал Бог, и затоа ниту е едносуштен на Отецот, ниту нам. Но таквите мисли се крајно неблагочестиви.
Кажувајќи ги овие нешта ние не го превидуваме фактот дека некои од светите отци ја користеле оваа аналогија со човекот за да ја појаснат тајната Христова. Сепак, тие ја користеле аналогијата со човекот за да покажат дека само еден човек, а не два, е создаден од тело и душа, па така и Христос, иако составен од божество и човештво, не е два Христа, туку е еден и не е поделен на два Сина[3]. Овие [еретици], сепак, ја користат аналогијата за да тврдат како во Христа има една природа или суштина, составена од божество или човештво. Ние, од друга страна, покажавме дека ова е туѓо на благочестието.
[1] Од изданието: On the Person of Christ, The Christology of Emperor Justinian, St. Vladimir Seminary Press, Crestwood, New York 10707, 1991
[2] Во поново време се практикува поимот ὐπόστασις да се преведува со „личност“. Од друга страна, во црковнословенската преведувачка традиција е утврдено пренесување на терминот без негово преведување, при што се запазува потполноста на неговото значење (заб. прев.)
[3] Примерот во овој случај се користи за поткрепување на црковното учење за едната Христова ипостас (заб. прев.)
Уште можe да се најдe од Јустинијана Велики, друго нешто?
Или од Свети Јована Дамаскин?
Ми се допаѓаМи се допаѓа