Денес се навршуваат 570 години од падот на Градот. На денешен ден 1453 година младиот турски освојувач Махмет влезе во Рим, новиот и последниот. По тридневното пљачкосување тој воспостави нов поредок, со што конечно заврши историскиот пат на римската империја. Но, Рим не заврши само како историска стварност, туку и како мисловна стварност. Ние денес не можеме да го „мислиме“ Рим, секоја наша претстава за него е имагинарна, таа е проекција на сето она што се насобрало во овие 570 години, на сето она што ние би му го припишале на Рим. Познавањето на историјата тука не може да помогне. Еднаш завршено поглавје од светската историја не може да се повтори или да се продолжи. Наспроти духот на романтизмот и реставрационизмот, стои вечно новиот дух на Царството Божјо, кој е потполно слободен од статичните координати на просторот и времето.
Константиновиот Рим со право го носел називот „нов“ бидејќи во него дишел токму тој дух, духот на новото и неодминливото. Стварноста на Новиот Рим стои како предизвик и идеал пред генерациите по 1453 година, вклучително и пред нашата генерација, како и пред оние по нас. Но, акцентот тука не паѓа врз зборот „Рим“, туку врз зборот „Нов“. Она што треба да го возобновиме не е градот, туку нашата причесност кон „Новото“, вечно Новото, кое е над и отаде историјата, но кое истовремено ја проникнува историјата, ја преобразува и ѝ задава смисла. 570 години од падот на престарениот Рим, ние остануваме пред истиот предизвик пред кој стоеле светите отци од четвртиот век – да го спознаеме Новото и да го споделиме со светот и времето во кое живееме.
Напишете коментар