„Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: Не плачи!“ (Лука 7,12-13). Денес на Литургијата се читаше Евангелието за воскреснувањето на синот на наинската вдовица. Вообичаено, ова чудо се разбира како настан во кој се пројавува Господовата власт над смртта. Но, тоа содржи уште една евангелска поента, која е, во најмала рака, подеднакво важна за нас: Бог може да му се сожали на човекот и да сострадува со него. Од перспектива на нашата современа култура, која, и покрај бројните отклонувања, сепак во својот корен е христијанска – ваквото разбирање на Бога како вистински емпатичен не звучи изненадувачки. Но, токму тоа е една од основните дистинктивни црти меѓу христијанството и другите монотеистички религии. Имено, другите монотеистички религиски традиции го разбираат Бога како совршено различен од човекот, совршено трансцендентен, совршено неспознтлив. Според нив, Бог е една затворена монада, тој е затворен во себеси и потполно недостижен. Објавувањата на така разбраниот Бог се исклучиво посредни – преку избрани луѓе, ангели, разни природни и натприродни појави. Она што се објавува во нив се пораките и заповедите на Бога упатени кон човекот, но не и самиот Тој, не и самиот Бог. Самиот Тој не се објавува, Тој останува сокриен и недостапен. Но, во Новиот завет сме сведоци на еден неверојатен пресврт, кој истовремено претставувал и сѐ уште претставува скандал за монадичкиот монотеизам.
Бог не само што му се објавува на човекот на непосреден начин, туку Самиот во Себе ги соединува двете природи – човечката и божествената. Личноста на Бога станува место на средба меѓу божеството и човештвото, низ која на секој поединечен човек му се отвора вратата кон обожението. Значи, не само што Бог доаѓа меѓу нас и станува човек, туку го повикува човека, за во благодатта самиот да стане бог. Ваков степен на откривање на личносниот Бог, не може да се сретне во ниту една религија, туку единствено во Црквата Христова, која е над секој човечки поим за „религијата“ и „религиозноста“. Но, Бог не станува само човек, туку претрпува и страдание и смрт, за преку таа смрт да ги отвори за нас портите кон Воскресението. Само ваквиот Бог, Бог Кој Самиот станал човек, ја почувствувал болката на телото и кревкоста на душата, Кој вкусил страдание и смрт – може вистински да го сожали човека и да сострадува со него. Секое друго говорење за „сожалување“ и „сострадание“ надвор од таинството на Воплотувањето ќе биде само неуспешна метафора за совршено различното, недостижно и бескрајно осамено божество.
Но, христијанскиот Бог не е осамен не само затоа што екстатично излегува од себеси и му нисходи на светот, туку заедничарењето го претставува начинот на постоење на самата Негова природа. Имено, едниот Бог постои како Бог Троица, како Отец, Син и Дух Свети, без притоа да престане да биде еден Бог. Имено, Бог останува една суштина, и една сила, и една енергија, а покрај тоа и едно начало, Отецот – од кого се раѓа Синот и од Кого исходи Светиот Дух. Бог е еден, но не е сам; Бог е еден, но Неговата природа не му е затвор; Бог е еден и неспознатлив, но Тој вистински се објавува во светот преку Синот и во Светиот Дух. Се објавува непосредно и совршено, без задршка, без остаток. Тој вистински сожалува и сострадува, имено, затоа што Самиот во целост се идентификува со оној кого го сожалува и со кого сострадува и затоа што Самиот постои како заедница на трите божествени личности на Отецот, Синот и Светиот Дух. Бог веќе не може да се разбере како затворена монада, како роб на сопствената природа, како туѓ и далечен, како самодоволен и самоправеден.
И затоа, Бог не е „отаде доброто и злото“. Како таков, Тој веќе не му остава простор на човека да се повика на некаква „виша“ и „божествена правда“, за преку неа да ја оправда својата несправедливост. Евангелието не остава простор да се чини зло во името на Бога, Кој не само што вистински и безрезервно го сожалува и му сострадува на човека, туку и човечката природа ја вознесува до небесните височини и ја седнува оддесно на Бога Отецот. Отклонувања имало секогаш и ќе ги има додека се наоѓаме во овој начин на постоење. Но, треба да ни е јасно дека тоа се отклонувања од фундаменталното дистинктивно начело што го конституира христијанскиот идентитет како Тело Христово, т.е. Црква – заедничарењето. Без него, ние во ништо суштинско не би се разликувале од религиите на овој свет. Троединиот Бог да ја зацврсти во нас љубовта кон богословието, за да спознаеме зошто богатството на христијанската вера е бесценето, незаменливо и единствено потребно (Лука 10,42).
Напишете коментар