Денес Црквата го празнува свети Јован Дамаскин, светиот отец на Црквата кој во својот живот го отсликува византискиот духовно-интелектуален идеал. Имено, личноста треба да напредува во сите насоки, да се реализира на сите планови, да ги умножи сите таланти што Бог ѝ ги доверил. Свети Јован Дамаскин го обединил во себеси најдоброто од духовната и световната култура – бил теолог, бил философ, бил поет, бил бранител на уметноста, бил подвижник, бил светител. Соборната личност е идеалот на православната култура на живеење, која ги надминува историските граници на византиската империја. Во наше време, пак, приоритетите се многу поразлични – сега човек се ограничува на една област и само неа да ја специјализира, додека за сѐ останато останува неграмотен или во најсреќен случај – приучен. Аналогно на параболата со талантите, ако човек денес добие 5 таланти – од нив ќе умножи само еден, преку сила два, а преостанатите ќе ги закопа. Токму затоа, молитвите на свети Јован Дамаскин и изучувањето на неговата личност и дело ни се прекупотребни.
Соборноста на личноста, пак, се огледува во соборноста на културата за која ни сведочи свети Јован Дамаскин. Во православието нема место за дуалистичкиот порив да се раздели стварноста, да се раскине Божјото творение. Схизофрениот дух на дуализмот како разгалено дете ги пробира даровите Божји и судејќи го Бога си пресудува самиот. Затоа, отфрлањето на иконопочитувањето претставува далеку поголемо отклонување од Евангелието отколку што тоа на прв поглед се чини. Кој не ги почитува иконите, не прифаќа вистински дека Бог станал плот. Дури и декларативно да се согласи дека Бог се воплотил, тој ги одрекува ефектите на воплотувањето кои се однесуваат на целокупното создание. На прво место, тоа е осветувањето на созданието, вклучително и на материјата, од благодатта на Светиот Дух. Целокупната стварност благодатно се собира во Христа и во Него си ја открива смислата. Кои сме тогаш ние да му застанеме на патот на тоа соединување и во името на некаква умислена ревност да му судиме на Бога што Тој може да освети, а што не?
Затоа, на православието му се туѓи фундаментализмот, фанатизмот и редукционизмот од каков било вид. Светото предание ја смета победата на иконопочитувањето за победа на православието и ни ја заветува теологијата на иконата како незаобиколен темел на христијанската вера. Отфрлањето на иконопочитувањето е отфрлање на Христовиот домострој на спасението. Следствено, тоа е отфрлање и на соборниот концепт за културата и за човековата личност. Ако нешто му е потребно на нашето време, чиј основен белег е токму дезинтеграцијата и поларизацијата – тоа е теологијата на иконата, транспонирана во сите можни контексти на живеењето. Во потрагата по образец со кого би се идентификувале, подалеку од свети Јован Дамаскин нема потреба да бараме. Времето во кое живеел не било ниту полесно, ниту поедноставно од нашето. Искушенијата со кои православните христијани тогаш се соочувале, не биле ништо помали од денешните. Но, и покрај сето тоа, сеобединувачката и сеосветувачката сила на воплотениот Син Божји се пројавила преку него, покажувајќи им го патот на православието сите поколенија, вклучително и на нашето.
Напишете коментар