Кога јас би бил „старец“ би му го кажал следното на „кандидатот“/ „кандидатката“ (за стапување во монашки чин):
– Најди некоја работа, по можност наједноставната и лишена од „креативност“ (на пример, на шалтер во банка);
– Работејќи, моли се и стекнувај внатрешен мир, не биди злобен, не барај го своето (права, правдини и т.н.); примај секого како да е пратен од Бога и моли се за него;
– Со исклучок на парите потребни за најскромен стан и најскромна храна, давај ги сите твои пари на сиромашните – но на конретни личности, а не на „хуманитарни фондации“;
– Оди секогаш во една и иста Црква, и труди се таму навистина да бидеш од помош (не држејќи „предавања“ за духовниот живот, или за иконите, не преку „даскалствување“, туку преку „бришење на подот“ – како што советува преп. св. Серафим Саровски). Придржувај се до таквото служење и биди во потполно послушание на настојателот на парохијата;
– Не се наметнувај во служењето и не жали што „сите твои дарови не се искористени“, помагај и служи во она што е неопходно, а не таму кадешто ти сметаш дека е потребно;
– Читај и учи согласно на мерката на твоите сили, но не читај исклучително „монашка литература“, туку читај и пошироко (ова треба попрецизно да се искаже);
– Ако пријателите и познатите те викаат на гости (бидејќи ти се блиски) оди, но со „расудување“ и не често. Не задржувај се никаде повеќе од 1,5-2 часа. После тоа и најпријателската атмосфера станува штетна;
– Облекувај се апсолутно како и сите останати, но скромно. И без било какви „видливи“ ознаки на твојата посветеност на „духовниот живот“;
– Биди секогаш едноставен, светол и весел. Не ги поучувај другите. Од „духовни разговори“ и од разните „религиски“ и „црковни“ расправии бегај како од огин. Ако така постапуваш – сѐ ќе ти биде од полза…;
– Не барај „духовен старец“ или „раководител“. Ако ти е потребен ќе ти го прати Бог, и ќе ти го прати тогаш кога ќе ти биде потребен;
– Служејќи и работејќи на ваков начин 10 години (во никој случај помалку од тоа) барај од Бога одговор дали треба да продолжиш така да живееш, или е потребна некаква промена. И чекај го одговорот: тој ќе дојде и неговите знаци ќе бидат „радост и мир во Духот Свети“ (Рим. 14,17).
Oд Дневникот на отец Александар Шмеман; од изданието: Прот. Александар Шмеман, „Наш живот у Христу, Христов живот у нама, Изабране беседе, есеји, студије и одломци из дневника 1973-1983“, Београд 2007.
Далеку од помислата дека еден ваков „модел“ на „монаштво“ е реално изводлив, т.е. дека „институцијата“ монаштво би можела да се „реформулира“ според овие точки. Таквиот „модел“ би бил во суштина спротивен на себеси и би се побивал во самата своја основа. Овој извадок од дневникот на отец Александар Шмеман е проникнат од суптилната смисла за хумор, карактеристична за неговиот Дневник. Ми се чини дека тој тука не дава „модел“, туку преку банални примери (доволно банални, за никој да не си дозволи и од нив да направи „институција“) се обидува да ја пренесе заборавената суштина на монаштвото (но и на христијанскиот подвиг во целина). Едноставно како да читате текст на Нушиќ… :))
Исто така не треба да се заборави дека станува збор за лични белешки и размислувања (личен дневник), како и фактот дека тие белешки и размислувања се напишани во конкретен историски и животен контекст и како такви претставуваат приговори на конкретни предизвици со кои отец Шмеман се сретнувал. На пример, кога пишува дека „кандидатот“ нема потреба од „духовен старец“ или „раководител“, не случајно тие зборови ги става во наводници, целејќи кон деформираното доживување на тие категории, а не кон стварната потреба на подвижникот од духовно раководство (токму во таа смисла, малку претходно тој настојува на „потполно послушание кон настојателот на парохијата“; исто така, самите воведни зборови „кога јас би бил старец…“ го имплицираат присуството на старецот во животот на „кандидатот“).
Ми се допаѓаМи се допаѓа