„Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата. А Марија, како зеде литар чисто скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја нозете Негови; и куќата се исполни со мирис од мирото. Еден од учениците Негови, Јуда Симонов Искариот, кој што подоцна Го предаде, рече…“ (Јован 12,2-4)
Сите се на трпезата и секој се наоѓа во својата препознатлива евангелска улога. Христос ги познава срцата на сите, ја познава Марта, ја познава Марија, Лазара, апостолите, секого посебно, го познава Јуда. Познава без да се наметнува. Ниту Марта не е поинаква од она што била (иако веќе еднаш била прекорена за тоа како постапува – Лука 10,41-42), ниту Марија, ниту Лазар, ниту апостолите, вклучително и Јуда. Господ знае кој ќе го предаде. Седи на иста маса со него. Му ги дава последните шанси за покајание. Но, ништо не може да застане на патот на човечката волја.
Јуда веќе го избрал својот пат, од кој нема враќање. Тоа е пат кој заборавил на покајанието. Тоа не е патот на Петар, кој ќе се сети и ќе се покае; ќе се сети што Господ му говорел, ќе се сети кој е и што значи да се биде ученик Христов. Јуда нема да се сети. Тој тоне во заборав. Ги заборава сите чудесни мигови со Учителот и брза кај лажните учители; му го врти грбот на Светецот Израилев и оди кај волците во јагнешка кожа – да се спогоди со нив. Да го предаде Јагнето. Заборавот ја голта и последната надеж за покајание.
Колку и да е светло денешното празнување, радоста што ја имаме во срцата е таговна, бидејќи знаеме што следува. Но, најголемата тага не доаѓа од знаењето за страданието и распетието Господово. Таа тага е проткаена со радост, зашто знаеме дека последниот збор го има Воскресението. Тагата доаѓа од неутешната помисла дека човек може да не се покае и да не земе учество во радоста на Јагнето и Неговото Царство. Човек може сосема да заборави кој е и за што е создаден.
Уште полошо, може сосема да заборави дека може да се покае, да се врати при својот Отец и да каже: „згрешив пред небото и пред тебе и не сум достоен да се наречам твој син“ (Лука 15,21); да заборави дека го гледал „небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот човечки“ (Јован 1,51); дека „Синот човечки има власт на земјата да ги простува гревовите“ (Марко 2,10); дека кој сака да биде ученик Христов треба „да се одрече од себе, да го земе крстот свој и да врви по Него“ (Марко 8,34); дека патот Христов не води кон човечка слава, туку кон смртта и Воскресението во третиот ден (Марко 9,31; 10,33).
Ова се фрагменти од литургиските Евангелија што ги слушавме за време Великиот пост. Да не ги заборавиме како што злочестивиот ученик ги заборави. Наместо тоа, да бидеме будни и да се молиме, зашто духот е бодар, но телото е слабо (Марко 14,38). Пасха наближува…
Напишете коментар