Читам „реакции“ и „толкувања“ едно по едно и не ми оди во глава – дали некој воопшто го прочитал Посланието кон кое се реферира? Имам впечаток дека луѓе сами си допишале реченици во него, па сега си „одговараат“ на нив. Немам како поинаку да објаснам како и каде прочитале дека жената „не смее да бара повеќе права“, кога во текстот стои дека секој може да бара повеќе или поголеми права, но треба да е свесен дека со тие права одат и извесни должности. Така стои, проверете. Акцентот паѓа врз деонтолошко-етичката перспектива, а не врз тоа дека некому требало да му се ускратат правата.
Понатаму, апсолутно никаде не пишува дека „разведените жени и самохраните мајки треба да одат во логори“, иако еден куп медиуми пренесуваат вест со токму овој наслов (саркастични наслови им доликуваат на таблоиди, не е на медиуми што претендираат на објективност). Наместо тоа, само се констатира фактичката состојба дека т.н. „високо еманципирана жена денес често е и разведена и самохрана мајка“. Она што се осудува не се жените, па дури ни самата „еманципација“ како таква, туку „губењето на рамнотежата и хармонијата“ во модерните и постмодерните консумеристички општества. Се прашувам кој е тука „инквизиторот“, дали оние што укажуваат на општествените пробеми, или оние што забрануваат критика на сопствената општествена визија што ја промовираат како единствена правилна?
Патем, кога сме веќе кај прочуената инквизиција, која функционирала како висока јуридичка институција на Римокатоличката црква (не и на Православната), вреди да се напомне уште нешто. Предуслов за функционирање на инквизицијата е воведувањето на конкретни законски одредби преку кои неистомислениците би можеле да се маргинализираат, цензурираат, гонат, превоспитуваат, да се судат за вербални деликти, јавно да се линчуваат и т.н. Интересно е дека едно Велигденско послание нема и не може да има претензии од правно-обврзувачки тип, но некои други иницијативи и предлози, со оглед на досегашните искуства и начинот на кој се изведуваат, оставаат простор за ваков вид загриженост во јавноста.
Потем, кога некој обвинува дека некој друг „не ги разбрал поимите“, не е лошо да се преиспита дали самиот ги разбрал (и дали воопшто ги прочитал). Затоа што самиот израз „родова еднаквост“ е длабоко проблематичен од гледна точка на православното предание, и тоа по две основи. Прво и основно, природниот пол на мажите и жените не може да се изрази преку конструктот за т.н. „род“, а особено не на начинот на кој ваквиот конструкт се ползува во (пост)феминистичката теорија. Второ, христијанскиот идеал за единството на човечката природа во Христа не може да се замени со безличниот и онтолошки фрагментирачки концепт за „еднаквоста“. Кој тука не ги разбира поимите? Или можеби има поими и изрази што не смеат да се критикуваат? Затоа што, јасно се вели дека проблемот е во „манипулативната терминологија“, а не во сите оние нешта што можеби некој сака да ги види во текстот, иако ги нема.
Конечно, „спорниот“ дел на Посланието има пролог во кој се наведува контекстот во кој е напишан, а тоа е осмомартовската провокација чија навредлива и дискриминаторска порака беше експлицитно упатена кон Црквата. Острината на тонот на текстот стои во јасна врска со овој настан. При едно објективно исчитување на кажувањата што следат, тие во ниту еден момент не треба да се одвојат од полемичкиот контекст во кој се зачнати. Лицемерно е самите да практикувате експлицитен говор на омраза и тоа да си го сметате за доблест, а полемичката реторика од другата страна да ја прогласите за „ерес“.
Напишете коментар