Гледам како по социјалните мрежи денот на жените мироносици се претставува небаре е некаков „православен осми март“. Сепак, би било добро доколку избереме да бидеме малку попретпазливи кога правиме такви и слични паралели. А можеби би било најдобро и воопшто да не ги правиме. Реално, не постои „православен ден на жената“. Обидите да се направат „црковни“ пандани на световните феномени, практики и трендови попрво се продукт на една внатрешна секуларизација на Црквата, отколку на нејзиниот мисионерски дијалог со јазикот на денешницата.
Но, не е спорен само методот по кој се прави паралелата. Мажите и жените споделуваат една заедничка човечка природа, двата пола се носители и продолжители на едниот и единствен човечки род. Тоа што, според обичајот во еврејската култура, им се паднало на жените да отидат до гробот за да го извршат помазувањето со миро, не е основа врз која би можела да се гради некаква „благочестива феминистичка теологија“. Ако веќе треба да се изведуваат некакви заклучоци околу тоа кој прв дознал за Воскресението, тогаш тоа би можело да се стори и по основа на некоја друга поделба. На пример, дека тоа не биле апостолите (клирот), туку мироносиците (верниот народ). За Црквата да се заштити искушението на клерикалниот елитизам, со веста за Воскресението биле удостоени прво токму овие жени.
Не велам дека ваквата промена на перспективата треба да се земе здраво за готово. Попрво, целта ми е да укажам на тоа дека поделбата „мажи/апостоли наспроти жени/мироносици“ не е единствената и дека таа може незабележително да нѐ поведе во една насока на мислење, која според денешните мисловни стандарди ни изгледа сама по себе очигледна. Токму тие „најочигледни“ претпоставки и обрасци на расудување се она што современата теологија има за задача да го преиспита, за да може да ја исполнува својата евангелска мисија.
ПС. Во контекст на кажаното, интересно е дека во старогрчката литургиска традиција се користи изразот „Αι μυροφόροι Γυναίκες“, при што зборот „μυροφόροι“ има заедничка форма за машки и женски род, т.е. се менува според „машката“ О-деклинација, а не според „женската“ А-деклинација. Веројатно оттука, во еден од преводите на Статиите на Велики петок читаме за „жени мироносци“ (sic!). Сосема излишно, би рекол, затоа што во македонскиот јазик овој збор разликува посебни форми за машки и за женски род (а ако е само метриката во прашање, повторно има решенија што ќе соодветствуваат на утврдената јазична норма). But that’s another story. And a long one…
Напишете коментар