Прв случај. Во Србија се отвори дискусија околу воведувањето на таканаречената „родово-сензитивна“ терминологија во српскиот јазик. Што подразбира тоа? Подразбира повеќе нешта. Прво, дека еден куп општи јазични форми кои по правило се во машки род, сега треба задолжително да добијат форми и за женски род. На пример, наместо стандардното „студенти“ ќе треба да стои „студенти и студентки“. Во прашална реченица како: „Кој учи, тој знае?“, зборовите „кој“ и „тој“ се проблематични, велат застапниците за јазичната реформа, бидејќи се во машки род, а учењето и знаењето не им припаѓа само на мажите. Понатаму, именките како философ, теолог, хирург и сл. се во машки род, но во стандардната јазична употреба се однесуваат и на мажи и жени. Арно ама, сега по секоја цена и спротивно на внатрешната логика на српскиот јазик (но и на македонскиот) ќе мора да се измислат и женски форми и да се воведат во употреба. Понатаму, тоа може да продолжи и со воведување на „родово-неутрални“ облици, како што е тоа веќе случај во англискиот јазик, каде покрај личните заменки за мешки и женски род, се користат алтернативни заменки за „алтернативните родови идентитети“ како што се: ae, e/ey, they, xe, ze/zie, fae, per, ve, yo (од кои некои се веќе стандард на социјалните мрежи како Фејсбук и Инстаграм).
Во целата оваа јазична папазјанија јасна е една работа – главната битка што една идеологија треба да ја извојува за да се наметне се наоѓа во полето на јазикот. Јазикот го регулира начинот на кој ние ја разбираме и конципираме стварноста. Токму на овој проблем алармира српскиот патријарх Порфириј во неговото Велигденско послание, кое предизвика жолчна дебата во српската јавност. Тоа е само еден дел од обемната расправа за т-н. „родова идеологија“ која е актуелна и кај нас. Но, тој дел е суштествен токму поради значајот на јазикот во функционирањето на идеологијата како таква. Многу скоро темата за „родово-сензитивниот“ јазик ќе затропа и на нашата врата и ќе треба да бидеме подготвени да одговориме на неа. Најмногу од сѐ, ќе треба да препознаеме што може, а што не може да се усогласи со логосот на јазикот и интелектуалната култура основана врз наследството на светите сесловенски просветители и нивните ученици.
Втор случај. Грчката православна архиепископија во Америка работи на тоа во своите богослужбени места да се воведе практиката жени и девојчиња да бидат прислужници и чтеци при богослуженијата. Оваа иницијатива наиде на отпор кај дел од православната црковна јавност, која и без тоа има вкус за полемичко хиперболизирање и избрзано повлекување паралели со секуларните идеолошки програми (како онаа од претходниот пример). Така, на социјалните мрежи може да се сретнат коментари како „Пандорината кутија е отворена“, или како „Од тука до воведувањето на женско свештенство и благословување на нетрадиционални брачни заедници има само уште еден чекор“ и сл. Како теолог, ни малку не би можел да се согласам со ваквите тврдења. Зошто? Затоа што овој пример се темели врз дијаметрално поинакви претпоставки од претходно наведениот.
Имено, првиот случај со воведувањето на „родово-сензитивната“ терминологија се темели исцело врз секуларни идеолошки концепции за „родот“, „родовите улоги“, „родовиот идентитет“ и т.н. За разлика од него, активното вклучување на жените во богослужбениот живот на Црквата има своја основа како во православната теологија и антропологија, така и во историјата на богослужението. Имено, во минатото постоела дури и институцијата на „ѓаконисите“, која не само што не противречела на природата на православното богослужение, туку органски произлегувала од истата. Вклучувањето на жените во богослужбениот живот не е „новотарија“, туку органски дел од нашето сопствено литургиско предание.
Но, можеби некој ќе праша, зошто ова прашање баш сега се актуелизира? Сигурно не поради световниот идеолошки феминизам, иако не исклучувам дека може да има теолози кои се застапуваат за овие промени токму поради нивните секуларни идеолошки уверувања. Сепак, причината зошто ова прашање е актуелно последниве неколку децении е друга и за тоа пред повеќе од 20 години има пишувано Владета Јеротиќ. Имено, луѓето денес не се задоволуваат со механичко практикување на традиционалните облици на религиозност, туку имаат потреба од две нешта: свесно обосновување на верата и проактивен однос кон верскиот живот. И мажите и жените сакаат да разберат во што веруваат и мнозина од нив сакаат да земат поактивно учество во верскиот живот. Во тоа нема ништо спорно, напротив. Еден од ефектите на ваквата промена на психолошките и духовните потреби на верните е наведениот.
Конечно, тоа не значи дека по ова „ќе се отвори дизната“ и ќе пројде сѐ – и што треба, и што не треба. Би било така, кога би воведувале промени врз основа на туѓи преданија, а не врз основа на сопственото. Но, во конкретниов случај немам впечаток дека е така. Останува заклучокот што многу често го повторувам, имено дека треба многу повеќе да си го запознаеме сопственото предание, да се задлабочиме во него и да разбереме дека многу нешта што денес се доживуваат како „новотарии“ биле вообичаени во древната Црква и vice versa, многу нешта што ги претставуваме како „традиција“ се всушност практики кои не се постари од 70-80 години. Тогаш, можеби ќе се изненадиме од тоа колку православието е „пофеминистичко од самиот (световен) феминизам“, како што во една јавна дискусија не без изненадување забележа една моја драга соговорничка од другата страна на идеолошкиот спектар.
Напишете коментар