Низ иглени уши влегоа Германците во полуфиналето на ЕП во фудбал! Турците душата им ја извадија – покажаа страшно добра игра и само малку фалеше да победат…
Очигледно е дека, дури и еден фудбалски аналфабет, како што се доживував самиот до пред неколку дена, ќе се навлече на целата работа кога ќе се најде во Германија – просто воздухот си е таков. Секако, посебен „филм“ е да си тука кога Германците влегуваат во финалето и се на еден чекор од шампионската титула. Сепак, впечатокот кој го стекнав од германското навивање и целата атмосфера (пред сè како одраз на нивната сегашна култура и светоглед) – е жален, многу жален.
На почеток не можев да си ги дефинирам работите. Просто имаше некое непријатно чувство во воздухот, кое изгледа само јас го восприемав. Целата таа еуфорија чадеше од бесмисла, од некаков прикриен очај, кој не можев да си го објаснам. Во толпата влегов насмеан од уво до уво, пола час покасно (кога успеавме некако да се пробиеме низ неа) се чувствував најпросто кажано – многу тажно.
Какво беше целото тоа празнување? Што се празнуваше? Мене ми изгледа многу глупаво да поверувам дека единствената причина за тој собир, за целиот излачен адреналин и за еуфоричната радост на крајот – е просто тоа што дванаесетте растрчани Германци успеаја повеќе пати да ја бутнат топката во спротивниот гол, отколку што тоа можеа да го направат нивните турски колеги. Секако дека популарниот спорт си ја темели популарноста на многу повеќе фактори отколку само спортот, но сега нема да навлегувам во не знам какви психолошки, социјални и философки анализи. Она што тука ме интересира не е просто прашањето „зошто фудбалот е популарен“, туку попрво прашањето: „од каде доаѓа потребата на луѓето за вакво псевдо-празнично доживување на нештата како што е фудбалот“?
Начинот на кој во современа Германија се празнуваат празници како Воскресение Христово (Велигден) или Рождество Христово (Божик) – нема ниту „п“ од „празничноста“ која ја видов вчера! Како е можно настани кои се темелни за севкупната европска култура, како што се спомнативе, да бидат речиси изигнорирани за разлика од нешто апсолутно периферно на тој план како што е фудбалот? Тоа не би било можно, освен ако современата европска култура нема тенденција да се изградува на некои други темели – на пример, оние на олимписките божества, или нивните римски/варварски двојници.
Не сакам да проповедам псевдо-зилотизам (лажна ревност) – просто зборувам за фундаменталните разлики помеѓу две европски култури, кои со векови си со-постојат, а од кои денес едната е во силен подем, а другата е речиси пред колапс. Ќе предложам само една икона (слика), со цел да ви ја доближам целата атмосфера. Откако излеговме од гужвата, тргнавме по една уличка паралелна со булеварот на кој беше толпата, значи многу блиску. Одејќи полека, дојдовме до еден 20-тина метри долг камен ѕид, пред кој имаше насобрано не малку луѓе, од кои едните стоеја свртени кон ѕидот, а другите чекаа позади како брзо би го фатиле нивното место. Значи, толку многу луѓе да мочаат покрај ѕид јас немам видено никаде по начинот „примитивен“ Балкан! Но мочањето само по себе ќе го преживееме – пиво, гужва, кој ќе оди до јавните тоалети (инаку лоцирани на 50 метри од таму и со солиден капацитет)… Тоа не е она страшното. Страшното и гадното и одвратното е во тоа што – кога ќе ја кренете главата нагоре (значи гледате во ѕидот, кој by the way е доста висок, и ќе стигнете со погледот до горе) – ќе го видите крстот на прекрасната „Herz Jezu Kirche“! Јас во животов немам видено толку луѓе во исто време да мочаат врз христијанска Црква! Пред соборен храм во Скопје, каде што едно време навечер се собираа скопските металци, панкери и останатиот underground – сепак никој не си дозволуваше да моча по црковните ѕидови…
Но, како што реков ова е само слика – мало делче од целиот амбиент, во кој проблематични не беа гужвата, безредието и еуфоријата сами по себе, туку целиот контекст. Единственото пријатно изненадување од целата вечер беше реакцијата на премногубројните турските навивачи на улиците – тие целосно се приклучија на прославата на Германците. Цел Келн ечеше од турски тарабуки и тапани, кои гласно и отворено покажуваа дека тие луѓе многу добро знаат и како се победува во фудбалот и како се губи. Германци и Германки мешаа чочек на среде Rudolph Platz… Прашање е колку насобраните Турци целата ваква атмосфера навистина ја доживуваа како „пораз“? Колку што можев јас да забележам – ич.
Напишете коментар