Ако е точно тврдењето на многубројните православни отци дека Хростос е над Истокот и Западот, од каде тогаш толку често сретнуваната безрезервна самоидентификација на православието со идејата за Истокот, доживеан како своевиден негатив на Западот? Како да постои некаква пубертетска зависност од христијанскиот Запад. Пубертетска – затоа што е по правило „контрашка“. Формулата за „пресметување“ на православниот став по определено богословско прашање доста често знае да гласи отприлика вака: за што и да се застапи Западот се множи со „минус еден“ и се добива православната вредност! Многу убаво!
Римокатолиците имаат филиокве, а ние немаме филиокве! Римокатолиците немаат епиклеза, ние имаме епиклеза! Они имаат папа, ние немаме! Они имаат чистилиште, ние немаме! Они имаат бесквасен леб, ние – квасен! Сега, да не се разбереме погрешно, ништо од сево ова не е неточно, ама духот на ваквата „контра-генерализација“ е длабоко навлезен во начинот на размислување на „источно-православниот“ богословски стил…
Затоа, по инерција, сега воопшто нема да биде тешко списокот да продолжи да се надополнува. Па така, ако римокатоличката црква (во првата половина на 20. век) почне да се застапува за редовен евхаристиски живот на верниците, тогаш и оние православни кои го прават тоа од памтивек, од „источно-православните“ биваат најкомотно прогласени за жртви на Западот. Уште подраматична е историјата на современиот екуменски дијалог. На западното „за“, „источњаците“, без многу да му ја мислат, а користејќи се со веќе добро испробаната формула, одговараат со категорично „против“! Ваквиот стил е забележлив и во веќе надминатите, по потекло западни, генерализации од типот: западната мисла тежи кон рационалното, а источната кон мистичното, или западната е аристотеловска, источната платоновска (што е веќе сосема бесмислено – најнамразениот антички философ во историјата на Византија е без конкуренција Платон, чие учење не еднаш, туку дури три пати бива осудено од византиската Црква)!
(Продолжува…)
Одличен блог. Во секој случај теоријата јас би ја проширил и општо на религиозната мисла. Самото „контрирање“ не е нужно погрешно, и многу често е неопходен двигател на промислувањето. Впрочем, речиси сите Отци своите мисли ги запишале баш заради борбата со еретиците, во кои неретко насловите биле „Контра …“ или „Против …“. Да немало кон кого да се контрира и против кого да се пишува, можеби богословската мисла не би ни доживеала свое формулирање какво што доживеала.
Но сепак, поентата е разбрана. Во твојот блог зборуваш за непромисленото контрирање, кое сепак, како некако да е навлезено во нашиот балкански менталитет, а мора да биде туѓо на секое искрено трагање по Божјата вистина.
поздрав.
Ми се допаѓаМи се допаѓа
Добредојде Марко, драго ми е што ти се допаѓа блогот. За темата – сосема е така како што забележуваш во коментарот. Идејата не е дека „спорењето“ самото по себе не чини, напротив – неговата конструктивност е доволно докажана низ севкупната историја на христијанството. Она што бива да биде определено како деструктивно е самоцелното спорење, спорењето по инерција, од навика, спорењето како продукт на инаетењето и немислењето, „контраштвото“ како форма на псевдо-духовност. И тука веќе не станува збор само за менталитет или форма на религиозност, туку воопшто за еден очигледно несоодветен начин на справување со лични и колективни фрустрации, кои на различни начини и во поголема или помала мерка се генерираат кај различни типови заедници, вклучително и религиозните.
Ми се допаѓаМи се допаѓа